Македонија
На надзорната расправа во Собранието обединети експертите, активистите и политичките фактори, голем чекор во борбата за чист воздух, велат од Левицата
„Вчера во Собранието на Република Македонија се одржа значајна Надзорна расправа посветена на аерозагадувањето, со учество на граѓански организации, експерти и некои претставници на институциите, на иницијатива на Левица. Оваа расправа беше важен чекор кон барање на соодветни решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во земјата“, велат од партијата Левица.
„Свои излагања имаа активисти од „Еко свест“, „Грин Пауер“ и „О2 Иницијатива“, како и правници кои укажаа на недостатокот од стратешки документи за справување со загадувањето. Присутните нагласија дека постои сериозен институционален јаз, односно дека обвинителството и судовите слабо постапуваат во случаи на еколошки криминал, а политичката одговорност за оваа состојба речиси и да не постои.
Еден од клучните проблеми што беа посочени е неконтролираниот увоз и користење на загадувачки горива, за што институциите немаат доволно капацитет за надзор. Во таа насока, беше нагласена итната потреба од донесување Закон за контрола на индустриските емисии и Протокол за контрола на горивата, како суштински алатки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Иако беа поканети, клучните владини претставници, меѓу кои и премиерот и министерот за животна средина, не присуствуваа на расправата, што остава впечаток на игнорирање на проблемот. Со ова се потврди неспособноста, незаинтересираноста и сервилноста на владејачките елити пред крупниот капитал. Додека народот се гуши во загаден воздух, клучните носители на власт – премиерот Мицкоски, министерот Меџити и неговата заменичка Лашоска – не најдоа за потребно ни да се појават. Сепак, расправата заврши со конкретни препораки што ќе бидат преточени во заклучоци кои институциите би требале да ги спроведат.
Овој настан ја покажува силата на граѓанскиот притисок и експертската аргументација во процесот на креирање на подобри еколошки политики кога во законодавниот дом има слух од политичките чинители. Борбата за чист воздух продолжува, со надеж дека институциите конечно ќе преземат конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, соопшти Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

