Македонија
На пензионерка ѝ се слоши на врвот на Водно, пожарникари и доктор успеале да ја освестат, жената е хоспитализирана
Вчера, во Скопско, напладне, во 12.22 часот, на Единствениот број за итни повици Е-112 била добиена пријава за жена, пензионер, која изгубила свест при престој на врвот на планината Водно во правецот од крстот кон Матка. Таа била дел од група пензионери што до врвот пристигнале од Средно Водно со жичницата, извести ЦУК.
За ова веднаш биле известени Итната медицинска помош, но тие со возилото не можеле да се искачат до врвот поради мраз и снег на некои осојни места.
Како што соопштуваат од ЦУК, докторот од ИМП побарал помош од дежурните во Секторот за операции и координација на ЦУК по што веднаш биле известени лицата од спасителната станица на Црвениот крст на Водно. Тие тргнале со возило, но и тие не можеле да го поминат критичното место, осој, каде што имало мраз на стрмниот пат, поради што едно лице од спасителната станица тргнало да оди пеш кон врвот и ја лоцирал жената.
Во меѓувреме биле известени и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои итно и додека траеле претходните дејства, дошле со теренско возило. Пожарникарите заедно со докторот успеале да пристигнат до местото на кое била жената. Таа била освестена и иако веќе била свесна, била згрижена во согласност со медицинските и спасителни можни мерки во случајот и со жичницата ја евакуирале, ја спуштиле до Средно Водно, од каде што со возилото на итната медицинска помош е префрлена во Градската општа болница „8 Септември“, соопшти Центарот за управување со кризи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

