Македонија
На полноќ започнува референдумскиот молк
Во Македонија вечерва на полноќ започнува молкот во пресрет на референдумот за промена на името, кој ќе се одржи в недела.
„Референдумскиот молк почнува 48 часа пред денот на гласањето, односно на 28 септември 2018 година (петок) и завршува со затворањето на гласачките места во 19 часот на 30 септември 2018 година. За време на молкот треба да престанат сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот“, соопшти пред неколку дена АВМУ.
Според одлуката донесена од страна на Собранието на Република Македонија, прашањето за референдумот ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“
Референдумот за името ќе биде консултативен, што значи дека цензусот е помал во однос на тоа кога референдумот би бил обврзувачки, односно за да биде успешен, потребно е да излезат половина од вкупниот број гласачи или нешто повеќе 900 илјади и половина од нив да гласаат „за“, а право на глас имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список, кој беше заклучен на 10 септември.
Референдумот ќе го надгледуваат околу десет илјади македонски и речиси 500 странски набљудувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Сите сме виновни, СДСМ се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните
Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз, но поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток, шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешниот 30-ти Конгрес на партијата.
Во своето обраќање пред делегатите, Филипче посочи дека СДСМ во моментов се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните.
„Сметам дека е праведно конечно сите да прифатиме дека од различен агол, сите сме виновни. Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните“, рече Филипче.
Притоа, Филипче потенцираше дека причините за ваквата состојба се повеќеслојни, нагласувајќи дека заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, се занемари ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат.
„Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела. Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните“, рече Филипче, додавјќи дека сите овие прашања, дополнително и спорот со Бугарија, ги преклопија сите добри работи и реформи што ги направи СДСМ.
Филипче потенцираше дека сепак не може да се занемарат успешните политики на владите на СДСМ, во делот стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство.
„Се вложивме 100 проценти, не калкулиравме, не бевме популисти, направивме тешки жртви. Двајцата мои претходници, Заев и Ковачевски ја жртвуваа својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска унија. За жал, таквата длабока посветеност, не беше наградена со очекуваната мера. Но се боревме за она што верувавме дека е исправно, дека ќе донесе добробит за секој граѓанин на оваа држава, дека ќе ја постави Македонија на светската мапа. И во тоа успеавме“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче додаде дека ова не е време за обесхрабрување, туку време за акција, а СДСМ е партија на победници и знае како да се издигне после секој пораз и како да ги преобрази предизвиците во можности.
Македонија
(Видео) Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја
Новиот Централен одбор на СДСМ е сочинет од поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани. Тој ќе биде одраз на новата енергија што ќе ја внесеме во партија.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање пред присутните на 30-от Конгрес на партијата што се одржува денеска. Филипче потенцираше дека Централниот одбор е одраз на гласот на членовите, месните одбори и општинските организации.
„Моја цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал со кој располагаме, биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не заради блискоста и личните релации со партиското раководство. Принципот е секој да биде искористен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на целите на СДСМ“, истакна Филипче.
Според претседателот на СДСМ, само на овој начин, со реформирана партија може да се работи на реформа и во државата, бидејќи довербата се гради со дела, а не со празни зборови.
„Обновата започнува од нас“, потенцираше Филипче и додаде дека новото раководство на СДСМ мора да биде пример за посветеност и почитување и секојдневно да се потсетува дека постои за граѓаните, а не обратно.
Филипче во својот говор истакна дека пратениците, како најистурената борбена единица на СДСМ, ќе бидат по функција дел од Централниот одбор и нивното непроценливо политичко искуство ќе биде од максимална полза во сите процеси.
Претседателот на СДСМ се осврна и на критиките за бавниот избор на новото раководство и истакна дека состојбата во која се наоѓа партијата налагала внимателно бирање на вистинските луѓе.
„Ова се луѓе кои имаат поддршка од членовите и кои може да ги обединат сите од локално ниво па нагоре. Процес кој јас го сметав за инклузивен, со многу разговори, со многу дипломатија и почитување на мислењето на секој. Само низ ваков процес верувам дека можевме да избереме луѓе од доверба на членовите кои ќе ги претставуваат нивните интереси“, рече Филипче.
Партијата, додаде Филипче, ќе биде отворена за сите кои се блиски до социјалдемократската идеологија, што била подзаборавена. Солидарноста, како една од клучните социјалдемократски вредности, мора повторно да биде главната водилка на партијата, рече Филипче и порача:
„Со моето доаѓање на чело на партијата сакам едно јасно да порачам. Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење“.
Во таа насока, Филипче потенцираше дека со посветена работа, новото раководство ќе покаже дека лошите навики можат да бидат искоренети, суетите и предрасудите надминати и дека колективното добро ќе биде секогаш над личните интереси.
Македонија
На 53-годишна возраст почина поранешниот градоначалник на Крива Паланка, Мицевски
Почина поранешниот градоначалник на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Тој имаше 53 години и беше градоначалник од 2017 до 2021 година.
„Со длабока тага ја примив веста за смртта на Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка и наш соборец и сопартиец. Борјанчо беше човек кој искрено и посветено работеше за доброто на својата општина и за сите граѓани, секогаш воден од вредностите на солидарноста, правдата и напредокот. Неговата визија за подобар живот во Крива Паланка остави траен белег врз заедницата и сите кои го познаваа. Неговата човечност, енергија и посветена работа ќе ги паметиме со огромна почит и благодарност. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и соработниците. Нека почива во мир“, напиша на социјалните мрежи лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Со длабока тага и неверување ја примив веста за смртта на нашиот другар и сопартиец Борјанчо Мицевски. Во овие тешки моменти, изразувам искрено сочувство до неговото семејство и сите блиски. Нека почива во мир“, напиша на Фејсбук пратеникот Оливер Спасовски.