Македонија
„На СДС и на Филипче им премина во навика преку функционери да се закануваат, овој пат на новинари преку Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Насилството, ароганцијата, заканите, јавното линчување на луѓе и говорот на омраза почнуваат да стануваат заштитен знак на СДС. Преку своите, и така малку функционери, во изминатиот период СДС демонстрира загрижувачки деликвентен однос казнив со закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не беше доволно насилството и заканите на нивниот советник во Советот на Општина Кочани, сега во исто сценарио влезе и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој јавно се заканува на новинари и повикува на освета.
Ова не може да биде случајност, тоа е сценарио на СДС и Венко Филипче да ги заплашат и замолчат новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив.
Ова го потврдува и фактот што веќе втор ден ги нема ни СДС, ни Филипче збор да кажат и да го осудат ваквиот примитивен и нецивилизиран начин ка јавна комуникација на Костадинов, полна со закани и говор на омраза.
Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот.
„Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.”, е порака која СДС и Филипче ја праќаат преку Костадинов со цел да внесе траен страв кај новинарот.
Тој понатаму додава, „Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.”
Но, овој новинар не е цел сам по себе, ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, кои имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
На оваа закана не смее да се молчи, затоа ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика.
А воедно, упатуваме апел до Јавното обвинителство да го повика Костадинов на распит за да го праша како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него.
Оваа закана не смее да помине и да остане неказнета.
Ако општеството и институциите потклекнат под оваа јавна закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите до сега воспоставени законски стандарди и општествени норми“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

