Македонија
„На секое дете му треба семејство“ – кампања на Министерството за труд и Уницеф
Министерството за труд и социјална политика и Уницеф ја почнаа кампањата „На секое дете му треба семејство“, која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата има за цел и да мобилизира поддршка за решенија за грижа во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.
Почетокот на кампањата го означија млади луѓе со флешмоб, пеејќи ја познатата песна „Галебе мој тажен“ – песна која е дел од видеото на кампањата – и испратија едноставна и силна порака „Дали имате љубов за давање?“.

„На секое дете му е потребно семејство. Слоганот на оваа кампања најдобро го опишува процесот на деинститционализација. Термин кој е сложен и тежок за разбирање, но означува реформа која е крајно хумана и насушно потребна во нашата земја”, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и додаде: „Преку деинституционализацијата, до 2020 година сите деца на возраст од 0 до 3 години ќе ги извлечеме од институциите и ќе ги сместиме во мали групни домови, згрижувачки семејства или друга форма на соодветно сместување.”
Целта на кампањата е да поттикне поддршка за алтернативна грижа за децата наспроти сместувањето во големи институции и да даде поддршка да се стави крај на сместувањето деца помали од три години во големи институции до 2020. Во моментот над двеста деца – бебиња помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство – се згрижени во големи институции во земјава.

„Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и му штети на растот и на развојот затоа што без оглед колку добронамерен и обучен е персоналот и без оглед колку е добро опремена големата институција, таа никогаш не може да ја замени љубовта и поддршката на семејната средина“, рече Бенџамин Перкс, претставник на Уницеф. „ Со оваа кампања сакаме да помогнеме да се мобилизираат доволен број згрижувачки семејства кои имаат љубов за давање на децата кои се во моментот сместени во големи институции и да обезбедиме создавање широка мрежа семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина. “
Кампањата беше изработена да го одбележи Светскиот ден на семејството и Националниот ден на згрижувачки семејства. Преку познатата македонска песна телевизискиот спот со порака „Дали имате љубов за давање“ ќе се емитува на националните телевизии и на девет регионални телевизии. Покрај радио, печатен материјал, билборди и дигитални материјали, кампањата вклучува и други начини на вклучување на луѓето во оваа иницијатива. Над педесет познати лица ќе ѝ се приклучат на кампањата и ќе ја дадат поддршка преку своите профили на социјалните медиуми.
Во текот на наредните два месеца ќе се организираат отворени денови во триесет града преку локалната самоуправа, центрите за социјална работа и СОС Детско село за да им се даде на граѓаните низ целата земја можност да дознаат повеќе и да станат згрижувачки семејства.
Иницијативата е дел од заложбите на Владата да обезбеди услови за секое дете без родителска грижа во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина. Тоа се постигнува преку вложување во превентивни активности и поддршка на биолошките семејства; развивање нови форми на згрижување и проширување на мрежата на згрижувачки семејства; инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација и вложување во рана детекција и рана интервенција на тешкотии во развојот кај децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

