Македонија
На три локации во центарот на Скопје ќе се делат бесплатни билети за литургијата на папата
Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциско во Скопје, ги информира граѓаните кои сакаат на 7 мај да присуствуваат на централниот настан односно светата литургија на плоштадот „Македонија“, дека освен во католичките парохии во државата, бесплатни билети од 30 април до 3 мај ќе можат да подигнат и од три дополнителни локации во центарот на Скопје.
Првата е на улица „Македонија“, кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза, вотрата е на излезот од ГТЦ спрема плоштад „Македонија“, а третиот пункт е поставен на влезот од Старата скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа „Мост“).
На наведените локации, од утре (30 април) ќе бидат поставени дрвени штандови, кои заклучно со петок (3 мај) ќе работат од 9:30 до 17:30 часот. Покрај тоа што на нив ќе може да подигнат бесплатни билети за литургијата на папата, граѓаните ќе може да се информираат и за посебните безбедносни и организациски правила кои ќе важат за време на неговата посета, на 7 мај.
„Сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон плоштадот ‘Македонија’ за да учествуваат на литургијата на папата Франциско, треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе сé до крајот на литургијата“, информираат од Координативното тело.
Освен правилата на однесување за време на светата литургија, на официјалната интернет-страница за посетата на папата Фрациско, www.papa.mk, објавени се и посебните сообраќајни правила за движење на автомобили и пешаци низ центарот на Скопје, кои ќе важат за време на неговата посета.
Седми мај ќе биде работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа, појаснуваат од Владата.
„Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот ‘Македонија’ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата“, стои во соопштението.
На 7 мај, користењето на автобусите на ЈСП на територија на Скопје и железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје, ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација.
„Апелираме до сите граѓани кои живеат на територијата на Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места, како и до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз и да избегнуваат користење на автомобили“, велат од Координативното тело.
Од таму појаснуваат дека посебниот автобуски и железнички возен ред за 7 мај наскоро ќе биде објавен на интернет-страницата на ЈСП, на интернет-страницата на Железници и на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

