Македонија
(Видео) Небото на Македонија стана дел од системот за воздушно патролирање на НАТО
Со денешната воздухопловна вежба на аеродромот во Петровец која вклучуваше НАТО авион Авакс, грчки ловци Ф-16 и државниот авион Лирџет, денеска беше одбележано вклучувањето на небото на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата.
На настанот кој практично покажа како се реализира НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над Северна Македонија присуствуваа министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на воено-дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорката на САД, Кејт Брнз и грчкиот амбасадор Русос Кундурос.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред присутните порача дека на денешниот настан може во реалноста да се види што значи НАТО да заштитува, да обединува и да зацврстува.
„Тука на аеродромот во Петровец можевме да видиме како изгледа НАТО мисијата за воздушно патролирање на небото над Северна Македонија со што и нашиот воздушен простор целосно се приклучи во системот на НАТО воздушното патролирање и од денеска да можеме да кажеме дека безбедноста на нашето небо е дел од НАТО безбедноста“, рече министерката Шекеринска.
Министерката истакна дека Северна Македонија беше сигурен партнер на Алијансата, а сега е сигурен сојузник во НАТО на кој може да му се верува.
„Успеавме во најкус временски период да ја завршиме воената интеграција со НАТО и затоа продолжуваме и понатаму да го зголемуваме нашето одбранбено буџетирање, финансирањето на нашите одбранбени способности, но и да го зголемуваме нашиот придонес кон регионалната безбедност. Заедно сме посилни, тоа беше нашето мото, нашата мотивација да станеме членка на НАТО. Денеска можевме да видиме дека таа гаранција и тоа членство значи поголема безбедност и сигурност за сите наши граѓани како на земја, така и во воздух“, рече таа.
Шекеринска се заблагодари на нашите грчки сојузници кои покажаа подготвеност со свои капацитети да го заштитуваат нашето небо, што е приказ за тоа како треба да соработуваат две соседни, пријателски и сојузнички земји.
![]()
Командантот на Комбинираниот воздухопловен оперативен центар во Торехон, Шпанија, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, кој пристигна со авионот Авакс истакна дека земјава треба да биде горда што соработува заедно со останатите земји во НАТО и ја унапредува регионалната стабилност и безбедност.
„Од 2020 година, кога Северна Македонија официјално пристапи во НАТО, бевте во можност да се прилагодите на НАТО, преку инкорпорирање на многу нови процедури, а сега ги постигнавте резултатите. Мора да се гордеете со вашата работа. Убеден сум дека ќе го одржувате истото ниво на успех во корист на сите земји“, рече генералот Де Ла Круз Каравака.
![]()
![]()
НАТО воздухопловното патролирање е клучен дел од колективната одбрана, што служи како столб на Алијансата и овозможува ист стандард на обезбедување на небото на секоја од земјите – членки. Оваа мисија не се фокусира на една специфична закана, туку е една од основните алатки за зачувување на безбедноста на НАТО. Преку континуирано воздухопловно набљудување и патролирање, воздухоплови на НАТО во само неколку минути можат да одговорат на секаков вид на несигурност на небото на Алијансата. Годинава се одбележува 60-годишнина од почетокот на воздухопловното патролирање на НАТО над европското небо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.
Македонија
(Фото) Мицкоски објави дека е реконструиран дел од локалниот пат Драчево – мотел „Китка“
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека е завршена реконструкцијата на дел од локалниот пат Драчево – мотел „Китка“.
Како што извести премиерот, проектот опфаќа поставување нов асфалтен слој со дебелина од 8 сантиметри, уредување на банкини од двете страни на коловозот, изградба на армирано-бетонски пропусти и потпорни ѕидови, како и оформување отворени канали, риголи, тротоари и ивичници на клучните делови од трасата.
„Со вкупна должина од 6,42 километри и ширина на коловозот од 3,5 метри, патот доби стабилна, функционална и долготрајна сообраќајна инфраструктура.
Инвестицијата во износ од 63.537.537 денари е обезбедена од Владата преку Министерството за транспорт. Овој проект има значајно влијание врз подобрувањето на руралната поврзаност, олеснување на секојдневниот транспорт и создавање услови за локален развој“, пишува Мицкоски.
Македонија
Исчезна Виктор Илиоски од Прилеп, мајката очајна
Семејството на Виктор Илиоски од Прилеп очајно бара помош за негово пронаоѓање.

Според објавата на социјалните мрежи, трагата му се губи од саботата попладне, околу 14 часот.
Облечен бил во тегет јакна, црни тренерки и сиви патики.

