Македонија
Недела на заедничка молитва од 13 до 21 мај
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи информира дека по повод 21 Мај, Светскиот ден на културната разноликост, дијалог и развој, прокламиран од Обединетите нации, ќе ја реализира манифестацијата Недела на заедничка молитва, во периодот од 13 до 21 мај. Во рамките на програмата ќе бидат одржани повеќе настани во неколку градови, кои имаат цел да ги поттикнат соработката и дијалогот меѓу верските заедници со цел стабилен и одржлив процес на градење доверба и пријателство. Заедничката грижа за младите, за социјално ранливите категории граѓани, заедничката грижа за животната средина, меѓусебното запознавање и изразувањето на почитта се начин како верските заедници надвор од своите верски ритуали на дело да ја покажат својата определба за градење општество на вистински човекови вредности, соживот и напредок. Тие начини симболично ги нарековме заедничка молитва, велат организаторите.
ПРОГРАМА
13.05.2019 Скопје – Трибина „Младите и религијата“ ќе се одржи во 11 часот во Порта Македонија.
На настанот ќе бидат презентирани резултати од истражување на јавното мислење на младите во градот Скопје за различни прашања од верската сфера. Потоа реномирани професори и активисти ќе се осврнат врз добиените индикатори од истражувањето и ќе се одржи дискусија со сите присутни.
14.05.2019 Битола – Заедничка посета на верски храмови во градот со почеток во 11 часот.
Претставници на верските заедници и конзулите од градот ќе ги посетат заеднички верските објекти на различните верски групи, притоа запознавајќи се со секојдневниот живот, грижи и прашања со кои се соочуваат колегите.
15.05.2019 Гевгелија – Заедничка посета на прифатниот центар за мигранти со почеток во 10:30 часот
Претставници на верските заедници ќе ги посетат мигрантите во прифатниот камп, давајќи утеха на жртвите на хуманитарните кризни жаришта.
16.05.2019 Скопје – Заедно за чиста животна средина со почеток во 11 часот во Градскиот парк
Претставници на верските заедници и на верските образовни институции заеднички ќе засадат дрвца во Градскиот парк како симбол на заедничката грижа за животната средина.
17.05.2019 Куманово – Заедничка хуманитарна акција со почеток во 11 часот со посета на социјално ранливи семејства
Претставници на верските заедници и на верските хуманитарни организации ќе посетат повеќе семејства во Куманово и ќе им донираат храна и облека.
20.05.2019 Шуто Оризари – Заеднички појадок со социјално ранливи категории во Шуто Оризари со почеток во 11 часот.
Претставници на верските заедници ќе разговараат и појадуваат заедно со повеќе граѓани од социјално ранлива категорија.
21.05.2019 Скопје – Свечен коктел по повод 21 мај Светскиот ден на културна разноликост, дијалог и развој со претставници на сите верски заедници
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продолжува периодот на претежно сончево време, температурата денес до 15 степени
Времето денес ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Продолжува периодот на претежно сончево и тивко време со дневна температура над просекот за овој период од годината. Во ноќните и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.

