Македонија
Недоволниот буџет и застојот во инвестициите го поткопуваат здравствениот систем, покажува ревизијата
Државниот завод за ревизија објави дека 23 програми за здравствена заштита во 2023 година се реализирале со недоволни средства, што резултирало со нарушена ликвидност на јавните здравствени установи, недостиг на лекови и слабости во контролите.
Дополнително, капиталните проекти, вклучувајќи и изградбата на нови клинички центри, се соочиле со долгорочни застои и финансиски импликации што влијаат на квалитетот и на достапноста на здравствените услуги за граѓаните.
За овие утврдени состојби, неправилности и неусогласености Државниот завод за ревизија издаде неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и политики.
Во 2023 година за 23 здравствени програми биле обезбедени 5,3 милијарди денари, што не било доволно за навремено намирување на обврските кон јавните здравствени установи. Притоа се евидентирани:
Во програмата за лекување ретки болести биле обезбедени лекови за речиси 235 пациенти со трошок од 878 милиони денари, но не е спроведена евалуација на ефектот од терапиите, а недостигот од ажурирани податоци довел до слаба контрола на дистрибуцијата.
За инсулин и медицински помагала за пациенти со дијабетес биле потрошени 917 милиони денари, но не се реализирале предвидените превентивни активности, а податоците од „Мој термин“ не биле усогласени со извештаите од установите.
Програмата за рано откривање малигни заболувања во 2023 година реализирала 22,9 милиона денари, но без јасно дефинирани индикатори, со низок опфат и доцнење во резултатите од скринингот.
За задолжително здравствено осигурување биле планирани 3,1 милијарди денари, но не се исплатени 1,5 милијарда денари за последните пет месеци поради недоволен буџет и пораст на платите. Ова ја нарушило исплатата кон јавните здравствени установи.
Во Програмата за заштита од ХИВ биле потрошени 89,3 милиони денари, од кои 17 милиони за ангажирање здруженија, но без утврдени критериуми за избор и со слаба поврзаност меѓу мерките и буџетот.
Во делот на капиталните инвестиции ревизијата нотира:
Проектот за изградба на општа болница во Кичево се соочил со долгорочни одложувања, значителни трошоци и ризик од дополнителни трошоци поради судска постапка во тек.
Проектите за нови клинички центри во Скопје и во Штип, почнати во 2015 година со заем од CEB, сè уште не се завршени. Компонентата за Скопје е откажана, а за Штип договорот е раскинат, по што се поведени арбитражни постапки за отштетни побарувања во вредност од 45 милиони евра. Од заемот од 97 милиони евра неповратно се повлечени 83,4 милиони евра.
Ревизијата дополнително укажува:
Градежните работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градската болница – Струмица, почнати во 2015 и 2016, се завршени над 90 %, но објектите сè уште не се во функција поради пролонгирани рокови, анекси на договори, поскапувања и судски постапки. Одложувањето достигнува речиси 10 години.
Опфатот со вакцинација на населението е од 56,3 до 87,7 %, со намалување по 2020 година, поради недоверба во вакцините и одложувања.
Во рамките на клучните ревизорски прашања анализирани се и статусот, кадровската екипираност и финансирањето на единицата за имплементација на проектот за нов клинички центар.
На проектната сметка остануваат неискористени средства од 8,4 милиони евра, од кои 6,01 милиони се од наплатени банкарски гаранции, а 2,4 милиона се повлечени, но неискористени средства од кредитот. Се укажува и на неизвесност за идните трошоци, кои ќе треба да се покријат од овие средства.
Дадени се препораки до надлежните институции за преземање мерки за подобрување на состојбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

