Македонија
„Неизвесна е судбината на 5.000 работници во РЕК ‘Битола’“, велат од партијата Левица
„Иако енергетската криза ги изнесе на површина слабостите на државните енергетски капацитети поради негрижата на сите власти, очигледно е дека Владата на СДС и ДУИ, без никаква стратегија и научен пристап, продолжува со погубните политики. Последниот чекор во низата катастрофални политики на владата во заминување е донесувањето на Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен, со кој Владата ноншалантно се обврзува да го затвори РЕК Битола до 2030 година“, соопшти партијата Левица.
„Како што реагира и самиот синдикат на вработените во РЕК Битола, ваквата избрзана мерка, без никаква стратегија, сигурно ќе ја доведе Републиката во подредена положба и целосно зависна од увоз на енергија. Доколку криминогената власт се консултираше со експерти, истата ќе беше свесна дека капацитетите на РЕК Битола за снабдување со електрична енергија во овие услови се незаменливи. Директна причина за тоа е немањето никакви инвестиции изминатите 30 години во домашни капитални проекти, кои имаат капацитет да го заменат работењето на РЕК Битола.
Еден од таквите проекти, кои имаат потенцијал во иднина да го олеснат работењето на оваа термоелектрана е токму проектот Чебрен-Галиште, кој ниту една власт досега немаше капацитет да го спроведе, иако истиот е стратешки проект за енергетската стабилност и одржливост на државата! Налудничаво е државата да се обврзува на затворање на термоелектраните, без никаква научна стратегија и модел за целосно искористување на хидропотенцијалот.
Левица целосно се залага за постепена транзиција кон еколошки извори на енергија и затоа, како политичка партија, бевме најгласни против скандалозната одлука за оттуѓување на Чебрен. Дополнително, јавно прашуваме кога Владата се обврзала на оваа погубна одлука, дали во предвид ја имала судбината на 5.000 вработени токму во РЕК Битола? Вакви крупни одлуки мора да бидат донесени со комплетна и детална стратегија за пренасочување на работниците кои ќе ги изгубат своите работни места.
Владата во заминување имаше осум години да започне со изградба на капитални хидроенергетски објекти, во сопственост на државата, со која не само што ќе се гарантираше енергетската независност на Републиката – туку на овој начин ќе се реализираше транзицијата кон обновливи извори на енергија. Ваквите избрзани и непромислени чекори за затворање на РЕК Битола, без притоа да не се инвестира ниту денар во домашни капацитети, единствено значи да се остават 5.000 работници на улица и Македонија да стане целосно увозно зависна од енергија, каде цехот ќе го плаќаат граѓаните преку повисоки сметки.
Левица, за разлика од триото СДС-ДПМНЕ-ДУИ, кое има унифициран став „Чебрен-Галиште” да го гради концесионер, се залага овој стратешки проект да го гради државата, а паралелно државата да изгради стратегија за квалификувана обука и дообука на кадри, со што ниту еден работник нема да остане на улица и ќе биде инкорпориран во системот на транзиција кон зелена енергија“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

