Македонија
Нема промена на бугарската позиција за Северна Македонија, рече Стоев на средбата со Вархеји
Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на Северна Македонија. Ова го изјави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, кој денеска се состана со министерот за надворешни работи на Португалија, Августо Сантос Силва, и комесарот за соседство и проширување на Унијата, Оливер Вархели, јави БГНЕС
„Бугарија продолжува да биде доследна во поддршката за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истовремено почитувајќи го критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја и почитувајќи ги основните вредности на заедницата како добрососедство. Ние сме отворени за одговорен, отворен и полноправен дијалог со Северна Македонија. Очекуваме нашите најблиски соседи во регионот да работат во духот на искреност и конструктивност. Не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Северна Македонија“, рече министерот Стоев.
Тој изрази подготвеност да се сретне со неговиот македонски колега Бујар Османи за да разговара за иницијативите што може да ги преземе кабинетот.
„За нас одржувањето на добрососедските односи и добивањето на потребните гаранции за спроведување на Договорот од 2017 година е од клучно значење“, истакна министерот и додаде: „Ние продолжуваме да правиме напори за враќање на довербата во нашите односи со Северна Македонија“.
„Нашата цел е да преземеме конкретни чекори за враќање на дијалогот со Скопје, вклучително и на највисоко ниво, што ќе обезбеди основа за идната влада да ги врати нашите односи на нивото што треба да поврзе две толку блиски земји“, рече Стоев.
Како заклучок, министерот за надворешни работи изјави дека се надева оти напорите и добронамерниот пристап на Бугарија конечно ќе бидат ценети од Северна Македонија и дека ќе се работи на изнаоѓање одржливо и трајно решение за отворените прашања во односите.
Процесот на проширување е исто така еден од приоритетите на Португалија. Ова го изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва, додавајќи дека тој се потпира на поддршката на Европската комисија, со која Лисабон работи тесно.
Тој истакна два процеса на проширување: започнување на меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора и одобрување рамка за преговори со Северна Македонија и Албанија.
„За двата процеса беше многу важно да ги слушнеме бугарските предлози, иницијативи и грижи. Ние тоа го правиме преку соодветни дипломатски и политички канали и веќе е направено многу. Затоа сега е време да се остварат директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од големо значење за тековниот процес и многу важни за португалското претседателство“, рече Силва.
Комесарот на ЕУ, Оливер Вархели, рече дека секогаш е многу важно да се слушнат земјите членки за прашањата за проширувањето на Унијата.
„Бугарија е водечка земја членка во однос на развивањето на нашата политика за Западен Балкан. Затоа секогаш вреди да се доаѓа овде за да добиете идеи и да се консултирате “, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

