Македонија
Не оправдуваме какво било насилство врз пратениците, вели Мицкоски
ВМРО-ДПМНЕ не стои зад протестите кои се организираат пред домовите на пратениците на СДСМ, тврди лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски. Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестите кои се одржаа пред Владата и дали и тој ќе им се приклучи на насобраните граѓани рече: „Ние многу јасно кажавме што следи и кои чекори ги презема ВМРО-ДПМНЕ во периодот којшто следи и кога ќе отпочнат протестите кои што ќе бидат организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста, народот, но и сите оние добронамерници кои што ќе сакаат да ни се приклучат, ќе бидат информирани кога точно ќе се случува тоа“.
Во однос на протестите кои се организираат пред домовите на пратениците на СДСМ, како реакција на донесувањето за законот за употреба на јазиците, Мицкоски изјави: „ Навистина е жално да се гледа тоа што се случува во моментот во Македонија, некој тоа го испровоцира. Јас апелирав да не дозволиме да се случи оваа ситуација, но некој тоа не успеа да го препознае. За жал тие луѓе денес се премиери, министри, претседатели таканаречени на Собранието и целата одговорност е кај нив за оваа ново настаната ситуација. Гледам дека полициски сили ги чуваат домовите на пратениците на СДСМ, од владејачкото мнозинство и навистина ние како политичка партија не можеме да оправдаме какво било насилство. Но, секако одговорноста за ова што се случува во Република Македонија е на страната на владејачкото мнозинство, бидејќи во многу наврати во минатото без никаков аргумент ги игнорираа апелите кои што ние како ВМРО-ДПМНЕ ги упативме кон нив. И навистина жалам што сето ова и се случува на Република Македонија во моментов“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашаето како ја коментира изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети дека законот за јазици, со или без потпис од претседателот Иванов ќе биде донесен, Мицкоски вели: „Ахмети и понатаму им пркоси на законите и Уставот на Република Македонија. Се гледа дека едно националната агенда се негов приоритет. Не се приоритет реформите кои што ќе значат квалитет во животот на сите граѓани. Продолжува со насилничкото однесување. Продолжува да ја наплаќа концесијата која што Зоран Заев ја има кон Ахмети, а тоа е резултат на ова 10 месечно катастрофално владеење во Република Македонија. Како човек како интелектуалец, се разбира насилство и закани не можам да оправдам. Ниту ова го оправдувам, се разбирам. Ме чуди како не можат некои луѓе да се стават над ситуацијата и да ги гледаат интересите на сите граѓани во оваа држава, на сметка на интересите на една нација. Со еден збор, трагично е тоа што го слушам“.
Во организација на Семакедонскиот национален совет – Македониум група граѓани денеска протестираа против изгласувањето на законот за јазиците. Протестот се одржа пред владата, а организаторите испратија пораки со поддршка до македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не го потпишува указот за двојазичност. Протести поради носењето на законот за употребата на јазиците беа организирани и во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

