Македонија
Не отворајте сомнителни линкови и датотеки прикачени во имејл-пораки и не споделувајте лични податоци со непознати лица, апелира МВР
Во врска со зголемениот број измами што годинава беа забележани, а кои опфаќаат фишинг-напади и случаи на лажно претставување во име на „Пошта на Северна Македонија“, како и на други државни институции и правни субјекти, Секторот за компјутерски криминал при МВР ги известува граѓаните дека главната цел на фишинг-измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на личните податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби, велат од МВР.
Овој тип на фишинг-напад доаѓа во форма на СМС-пораки, во кои се известуваат граѓаните дека имаат наводна пратка на нивно име за која е потребно да доплатат многу мала сума за испорака. Во СМС-пораката исто така има URL-линк, кој води до веб-страница што е дизајнирана да изгледа како легитимна на онаа на „Пошта на Северна Македонија“, како и на други државни институции и правни субјекти. Преку форма за внесување податоци граѓаните ги внесуваат оние од своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума за по некое време, да се изврши поголема трансакција.
Овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба. Затоа, апелираме до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.
Во последниот период овој тип на измами зазеде друга форма, каде што граѓаните се манипулирани да инвестираат на лажни платформи за инвестирање и тргување со криптовалути. Измамата типично почнува со тоа што жртвата ќе пронајде и ќе се регистрира на наводна платформа за инвестирање и тргување со криптовалути за подоцна да биде контактирана (најчесто телефонски) од странски телефонски броеви од страна на непознатите сторители. Сторителите се претставуваат како советници за инвестирање и финансии и ќе почнат интензивна и долга комуникација со жртвите, притоа наведувајќи ги да вложуваат сè повеќе финансиски средства. Во текот на комуникацијата непознатите сторители цело време напоменуваат дека жртвата во секое време може да си ги повлече уплатените финансиски средства, како и остварените добивки. Но, кога ќе дојде моментот за тоа да се оствари, сторителите измислуваат разни пречки и дополнителни давачки за остварување на ветеното.
Со цел да се заштитат граѓаните од ваков тип на измами, Секторот за компјутерски криминал препорачува да не се отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во имејл-пораки од непознати испраќачи, да не се одговара на непознати телефонски броеви, како и да не се оставаат личните податоци, податоците од свои платежни картички на непознати веб-страници и платформи. Исто така, доколку граѓаните пронајдат одредени платформи или сервиси за инвестирање од каков било тип, задолжително да извршат проверка на интернет за нивната легитимност и автентичност, односно дали исполнуваат одредени критериуми за меѓународна регулација за брокери, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

