Македонија
Не сакаме да се повтори сценариото со Арсовска, ние сме тука за скопјани, не за поединци, рече Мециновиќ
Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција изјави дека партијата бележи значителен раст на поддршката по првиот изборен круг и дека левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нивната програма.
„Во изминатите неколку дена гледаме голем прилив на нови поддржувачи. Многу граѓани кои досега не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција во вториот круг“, рече тој.
Мециновиќ истакна дека Левица ќе ја преземе улогата на обединувачка сила на сите антивладини гласови во Скопје. „Нашата улога како обединувачка сила е очигледна, и тоа е одговорност, но и привилегија. Испишуваме нови страници во политичката историја на Македонија“.
Понатаму, во своето обраќање, Мециновиќ најави дека Левица е во разговори со неколку независни листи за можност за соработка во Градскиот совет. Како што истакна со дел од независните листи, како Зелен Хуман Град, веќе имале заеднички ставови и гласања во претходниот мандат. „Верувам дека и овојпат можеме да најдеме заеднички точки на интерес“, изјави тој.
Моменталната политичка ситуација Мециновиќ ја оцени како мобилизација против владината политика, посочувајќи дека владата, според него, ја злоупотребува кризата со отпадот во Скопје. „Владата сакаше до крај да ги истроши скопјани, за потоа да прави театар со нивното здравје. Тоа е доказ дека имаме деструктивна власт“.
Кандидатот на Левица порача дека партијата во следниот период ќе понуди алтернатива која ќе биде проактивна и фокусирана на интересите на граѓаните, а не на лични агенди. „Не сакаме повторно да се повтори сценариото со градоначалничката Данела Арсовска. Ние сме тука да ја исполнуваме агендата на скопјани, не на поединци“, истакна тој.
Мециновиќ најави и конкретни потези веднаш по преземањето на градската власткако раскинување на сите штетни договори што ја оптоваруваат градската администрација и јавните претпријатија „уште во првите 72 часа“.
Исто така, нагласи дека во првите 72 часа ќе го раскинат договорот со кој казина и обложувалници се рекламираат на автобусите.
„Тоа веќе не смее да биде така. Градската власт не смее да дозволува промовирање на корозивни општествени процеси на својот имот“, објасни Мециновиќ и додаде дека со ваква одлука ќе се подобри и финансиската состојба на Јавното сообраќајно претпријатие.
„Најатрактивниот рекламен простор во градот ќе биде вратен под стопанисување на јавното претпријатие, а не на приватни маркетинг агенции кои му оставаат само трошки“.
Во делот на културата, Мециновиќ најави две нови насоки во политиката на градот за поддршка на младите: финансиско зајакнување на Младинскиот културен центар (МКЦ) и основање на скопски графити фестивал.
„Сакаме да му дадеме поголема финансиска поддршка на МКЦ. Дел од неговите простории може да се претворат во Скопско рок школо, простор каде младите ќе имаат пристап до инструменти и ќе можат да вежбаат и да се усовршуваат“, објасни тој, додавајќи дека проектот ќе биде по примерот на слични иницијативи во европските градови.
Мециновиќ најави и идеја за нов фестивал:
„Ќе поддржиме формирање на Скопски графити фестивал, по примерот на градови како Мостар. Секоја пролет ќе каниме уметници од регионот и од светот да создаваат мурали и графити, со што ќе го разубавиме Скопје и ќе му дадеме нов визуелен идентитет“. Според него, ваквите иницијативи ќе придонесат за поголема активност на младите во културниот живот и ќе го направат градот попривлечен за домашни и странски посетители.
Мециновиќ најави дека во следните десет дена партијата ќе одржува тематски прес-конференции на кои ќе ги претставува дополнителните идеи и мерки за Скопје. „Нашите активисти се деноноќно на терен. Секојдневно комуницираме со граѓаните и ја артикулираме пораката на најдобар можен начин“. На крај, повтори дека очекува „значително зголемување“ на поддршката во вториот круг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

