Македонија
Николовски: Владата ги усвои измените на клучните закони за процесот на дигитализација
На денешната седница Владата ги усвои измените на следниве закони: Законот за личната карта, Законот за матичниот број, Законот за државјанството на РСМ, Законот за личното име, Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.
„Со новите измени се овозможува граѓанинот да може да поднесе барање и преку средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги. Воедно, потребните документи што се потребни во постапката институцијата ги прибавува по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги.
Наведените закони како прв дел од пакет-измените ќе овозможат целосна електронска комуникација на сите нивоа и помеѓу сите субјекти во правниот промет на начин што овозможуваат употреба на средства за електронска комуникација и електронска идентификација. Дополнително, овие закони овозможуваат електронско обезбедување административни услуги од поднесокот на барањето до издавање на актот со кој завршува постапката. Во истиот контекст, наведените процеси имаат цел дигитализација на процесите за кои се надлежни институциите од јавниот сектор и намалување на доказите што граѓаните и бизнисите ги доставуваат во постапки за остварување права или исполнување обврски пред надлежни органи. Имено, процесот на дигитализација, како механизам за спречување корупција, ќе обезбеди намалување на човечкиот фактор, односно намалување на субјективното влијание на службениците што ги водат постапките.
Исто така, овие измени се резултат на интензивната работа на работната група за подготовка на измени и дополнувања на закони заради дигитализација на процеси определени со закон“, информираат од кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.

