Македонија
Николовски: Зајакнувањето на односите со инвеститорите клучно за зголемување на економската конкурентност и вработеноста во државата
Воспоставување на редовна комуникација и соработка со странските инвеститори со цел нивно запознавање со царинските постапки, вклучително постапките со економски ефект и поедноставените постапки е од големо значење за побрзо отпочнување на планираните инвестиции во државата. Оттука Царинската управа посветува големо внимание на негување цврсти односи со бизнис заедницата со цел зголемување на инвестициите и вработеноста во државата. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средбата со менаџментот на Јилдирим групацијата (Yildirim Group of Companies) и управниот партнер во PwC РС Македонија, Мирослав Марчев, велат од Царинската управа.

Генералниот менаџер за Балканот, Џемил Ачар, како претставник на групацијата којашто годинава се стекна со сопственост врз имотот на Еуроникел Кавадарци, истакна дека фабриката ќе се рестартира под името „Голден Игл Никел“ и оти веќе започнале со организација и реструктуирање со цел да може да се рестартира производството во фабриката за фероникел во Кавадарци со потенцијално вработување на 800 лица од кавадаречкиот регион.
Тој на состанокот ги презентираше нивните краткорочни и среднорочни планови за зајакнување на нивното присуство на македонскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Литванија: посебен акцент во разговорот ставен на европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија. Во рамки на првиот ден од посетата, тој оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис.
Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.

Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар останува отворена за најмладите, учиме како се гради современа заедница
Во Општина Центар се одржа едукативна посета на ученици од повеќе основни училишта, во рамки на наставната програма посветена на локалната самоуправа и нејзиното функционирање.
Градоначалникот Горан Герасимовски на учениците им ја претстави работата на општинските служби, процесите на носење одлуки и начинот на кој локалната самоуправа ги реализира проектите што го подобруваат секојдневието на граѓаните. Децата учествуваа со прашања поврзани со урбанизмот, комуналните услуги и плановите на општината.
„Особено ми е драго кога најмладите покажуваат интерес за тоа како функционира нашата општина. Нивната љубопитност и желба за знаење се доказ дека градиме одговорни и свесни идни генерации. Општина Центар секогаш ќе остане отворена за вакви едукативни средби,“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Во рамките на посетата беше реализирана и креативна работилница во соработка со младински и еколошки организации, со која учениците преку цртеж и игра учеа за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот развој.
„Општина Центар продолжува да инвестира во младите преку едукативни програми, проекти и активности што ја поттикнуваат нивната вклученост во заедницата и градењето на подобра иднина“.
Македонија
Во Кучевишка Бара се гради нов спортско-рекреативен центар на 2000 метри квадратни
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на новиот спортско-рекреативен центар во населбата Кучевишка Бара.
Комплексот ќе се простира на површина од 2000 метри квадратни и ќе вклучува фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, детско игралиште, летниковец, нови клупи, парк и зелени површини.
Од Општина Бутел порачаа дека општината се менува, а маалскиот дух се негува, со цел да се создадат можности за редовно практикување спорт и рекреација за сите граѓани.

