Македонија
Николовски: Инспекторите имаат целосна поддршка од Владата
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работна средба со дел од инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ). Од страна на ДЗСИ, беа презентирани податоците за спроведените надзори во изминатиот месец во надлежност на овој инспекторат, откако се стапени на сила измените на Законот за заштита на населението од заразни болести. Вицепремиерот Николовски посочи дека овој инспекторат има значаен придонес во спречувањето на ширењето на вирусот КОВИД-19, преку надзорите што ги спроведува во рамки на своите надлежности.
„Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што ги преземаме за спречување на ширење на коронавирусот. Повеќе од било кога е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања. Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, на здравствените лица, полицијата, армијата и сите други чинители што се вклучени во битката со овој вирус“, изјави вицепремиерот Николовски.
Притоа, Николовски нагласи дека Информацијата за кадровската екипираност во инспекторатите, е веќе влезена во владина процедура и онаму каде што има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, изјави дека инспекторите изминатите девет месеци се секојдневно на терен со вршење на вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, училишта, детски градинки, козметички салони, старечки домови.
„Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, нашиот инспекторат издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот КОВИД-19 и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе мониторираат било какво отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, почитувајќи ги протоколите прво се заштитуваме себе си, но и овозможуваме на здравствениот систем да истрае“, изјави Сотирова-Бухова.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги спроведува надзорите во здравствените установи, градинките, училиштата, старечките домови, од аспект на почитување на здравствените протоколи, управување со медицински отпад, санитарно-хигиенски услови во сите установи што ги контролира ДЗСИ, заштитна опрема во установите и друго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

