Македонија
Николовски и Сугарески на Деве Баир: Воведуваме систем за ефикасна борба против корупција на сите нивоа
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, денеска беа во посета на граничниот премин Деве Баир, каде што одржаа работен состанок со управителот на граничниот премин.
Соговорниците зборувале за улогата на Царинската управа во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал, за мерките од усвоениот План за борба против корупцијата, како и за отворената линија на Царинската управа за пријавување на корупција, се наведува во соопштението за настанот.

Николовски посочи дека Царинската управа е една од институциите коишто имаат значајна улога во превенцијата и сузбивањето на корупцијата и криминалот.
„Никој не е недопирлив во системската борба против корупцијата и криминалот. Сите институции мора да бидат во служба на граѓаните. Воспоставувaме систем за ефикасна и севкупна борба против корупција на сите нивоа и во сите сфери преку зајакнување на соработката меѓу институциите надлежни за борба против корупцијата“, нагласи вицепремиерот.
Директорот на Царинската управа, Сугарески, посочи дека Упрвата преку своите механизми, а во насока на откривање и казнување, континуирано собира информации од учесниците во царинските потапки со давање на гаранција на анонимност, преку отворената бесплатна царинска линија 197, онлајн или со електронската пријава поставена на официјалната веб-страница и по писмен пат.
Николовски потенцира дека акциите што ги презема Царинската управа се особено важни за навремено откривање и спречување на нелегална трговија, неплаќање давачки, корупција и криминал.
„Спречувањето на овие појави особено на граничните премини, е еден од приоритетите на Владата и затоа во координација со Царинската управа, активно се работи на системски мерки и активности за спречување на појава на корупција и криминал“, рече вицепремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

