Македонија
Николовски на четвртата работилница од програмата за управување со пожари на ниво на предел: Оваа програма е од особено значење за државата
Денеска, се одржува четвртата работилница од осумгодишната програма за управување со пожари на ниво на предел, на која учествуваа претставници од речиси сите релевантни институции, како и приватни организации и здруженија.
Постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво. Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел загрозувајќи ги екосистемите, ризикот за животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат.

„Оваа програма е од особено значање за државата и јасно ја отсликува нашата свесност за влијанието на климатските промени и потребата да имаме национална стратегија како да управуваме со пожари на ниво на предел. Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан веќе година и пол спроведува активности во нашата држава, каде што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е активен партнер и е државна институција, која е одговорна за спроведување и имплементација на активностите на национално ниво со стручната и експертска поддршка обезбедена од страна на Регионалниот центар за следење шумски пожари од Скопје. Оваа програма, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од ФАРМАХЕМ – Скопје и со советодавна поддршка на ХЕЛВЕТАС од Швајцарија, има цел преку активна работа на сите учесници да придонесе за ублажување на негативното влијание од пожарите на ниво на предел во Западен Балкан и да придонесе кон намалување на влијанието на климатските промени. Со тоа ќе се постигне зголемување на отпорноста на шумите во Западен Балкан, од кое директна корист ќе имаат локалното население, шумскииот биодиверзитет, односно целиот екосистем карактеристичен за одреден предел“, посочи министерот Николовски.

Она што ја прави оваа програма уште позначајна е тоа што таа се спроведува во седум земји од Западен Балкан и има цел да ја подобри регионалната соработка помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Балканските држави се поврзани меѓусебно за заедничко координирано управувањето со пожарите на ниво на предел. Во таа наша заедничка активност вклучени се претставници од повеќе институции, организации и здруженија, како и локалното население, што силно придонесува да се подигне јавната свест за заштита на природните ресурсии и важноста на личниот придонес на секој поединец.
Од друга страна, освен регионалната соработка, програмата предвидува и национален ангажман и посветена работа на нашата национална мрежа, која преку еден отворен и транспарентен процес изработи извештај за управување со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија, кој денеска беше презентиран. Овој извештај како заеднички производ има цел да придонесе кон подобро разбирање на состојбата со пожарите на ниво на предел во Северна Македонија земајќи ги предвид шумите и другото шумско земјиште како главен екосистем во кој се случуваат пожарите, вклучувајќи ги и пределите, односно целокупниот пејзаж, кој е потенцијално загрозен од пожар. Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и изготвување национална стратегија како основа и клучен документ врз кој ќе се водат идните политики за управување и заштита на шумите и пределите од пожарите.

„Програмата е сеопфатна, пристапот е фронтален со широко учество на релевантни државни институции, но и приватни органзиации и здруженија, како и силна регионална соработка. Заедно сме во овој процес, затоа што така сме посилни, подготвени, координирани, обучени и мотивирани заедно да се бориме против влијанијата на климатските промени и потенцијалните опасности од пожар. Ова е нешто што одамна ни требаше, но никогаш не е доцна за подобрување на состојбите и затоа ми е драго што имаме ваква програма, која веќе ги дава првите резултати“, рече министерот Николовски во своето поздравно обраќање пред присутните.
Николовски упати искрена благодарност до сите учесници за активниот придонес кон напредокот на програмата за управување со пожари на ниво на предел. Како резултат на досегашната работа на националната мрежа имплементирани се принципи за управување со пожари на ниво на предел во новиот закон за шумите, кој е во владина постапка за негово усвојување, а во фаза на изработка се и три нови правилници, кои произлегуваат од него.
Програмата за управување со пожари на ниво на предел е осумгодишен проект, кој со одговорна и посветена работа и во наредните години ќе придонесе за да ја достигнеме нашата заедничка цел, а тоа е да изградиме национални екосистеми отпорни на пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 481.127.667 денари кон 12.458 лозари
Во пресрет на празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите, реализирани се средства во износ од 481.127.667 денари кон 12.458 корисници, соопшти Министерството за земјоделство.
Средствата се исплатени по Мерка 1.8 – Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади.
„Се потврдува посветеноста и приоритетите на институциите во развојот на оваа земјоделска гранка. Министерството продолжува со реализација на мерки и политики насочени кон одржливост и унапредување на земјоделското производство“.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.

