Македонија
Николовски: Производителите на јаболка првпат ќе имаат две исплати за субвенции
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Ресен одржа средба со производителите на јаболка од овој регион. На средбата се разговараше за моментната состојба со откупот на јаболка, како и за мерките од новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година. Министерот Николовски посочи дека првпат оваа година овоштарите први, вклучително и производителите на јаболка со новата пилот-мерка, ќе имаат две исплати за субвенции, една по Програмата 2021 и една по новата Програма 2022.
„Во новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството 2022 усогласена со европската регулатива имаме нова пилот-мерка оваа година само за овоштарите, но од следната година и за другите сектори, според која сите овоштари ќе добијат авансно 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. Новата Програма 2022 е излезена во ‘Службен весник’ и овоштарите првпат годинава авансно ќе добијат линерана субвенција од 12.000 денари од хектар, тоа е првата исплата како што ја има во секоја европска земја, потоа преостанатиот дел од основната субвенција ќе ја добијат следната година. Ова е нова европска реформа во процесот на исплата на субвенции, со која авансно се исплаќаат 30 отсто, што од 2023 година ќе важи за сите култури“, рече министерот Николовски.
Дел од новитетите во Програмата 2022 е зголемување на износот за кофинансирање на мерката за зелена нафта поради зголемување на цената на нафтата, при што министерот Николовски посочи дека колку што се зголемени трошоците за нафта толку ќе изнесува и зголемувањето на поддршката на износот. Иако кофинансирањето годинава останува 50 отсто, зголемувањето во пари, т.е. поддршката, ќе биде поголема“, рече министерот Николовски.
Во согласност со новата Програма се бришат критериумите за пријавена површина и грло, односно носителите на земјоделски стопанства што се регистрирани како вршители на земјоделска дејност во согласност со Законот за вршење на земјоделската дејност или како индивидуални земјоделци во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите ќе добијат 20 отсто дополнителни финансиски средства.
На состанокот министерот Николовски посочи дека набргу почнува реализацијата на проектот на Светската банка, преку кој во Ресен, но и во Скопје и Струмица, ќе се изградат современи откупни центри, кои се од големо значење за земјоделците од овој регион, за откупот и за трговијата. Министерот Николовски информира дека се подготвуваат крупни реформи во земјоделството преку нови законски решенија, како што е подготвката на закон за уредување на пазарите, со кој се утврдуваат пазарните политики и се отвора можност за формирање асоциации на производители, закон за директни плаќања, закон за рурален развој, закон за советодавни услуги, закон за осигурување и други закони.
На средбата се разговараше и за барањето на производителите на јаболка за продолжување на интервентната мерка за субвенционирање од 3 денари за килограм за продадено индустриско јаболко за што министерот Николовски порача дека заеднички со сите надлежните институции и по анализите и контролите од Државниот инспекторат за земјоделство, ќе се дефинира соодветно решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

