Македонија
Николовски: Состојбата на АД „Водостопанство“ не е одржлива, се бараат долгорочни решенија
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше на чистење на одводен канал со должина од еден километар во селото Романовце, Кумановско.
Како што информираат од Министерството, чистењето на овој канал е од исклучително значење за Романовце со цел да се спречи појава на поплави кои се случуваа изминативе години, но и од здравствен и безбедносен аспект, затоа што има фекалии, а токму покрај него поминуваат децата од ова село кога одат во училиште.
Министерот Николовски посочил дека МЗШВ преку Програмата за рурален развој постојано дава поддршка на АД „Водостопанство“ и нејзините подружници и освен со финансиска помош, на претпријатието му се помага и со механизација.
„Со околу 1 милион евра издвоени средства издвоени од Програмата за рурален равој во делот на инвестициите во водостопанството беше платена целокупно набавената механизација, којашто се користи од страна на подружниците. Состојбата на АД ‘Водостопанство’ не е одржлива. Ние тоа постојано го дискутираме во Владата и со делегацијата на ЕУ во следниот период ќе се наоѓаат долгорочни решенија во делот на трансформацијата и на подобрување на состојбата, односно ќе се наоѓа вистински модел што ќе биде во служба на граѓаните и земјоделците“, изјави министерот Николовски.
Досега во Куманосвкиот Регион се исчистени над 4 километри речни корита, односно реката Липковска од село Липково до село Опае. Министерот истакна дека минатиот период фокусот бил во Кочанско и Струмичко. Притоа додаде дека годинава МЗШВ почнало и со реализација на поголемите капитални проекти во водостопанската инфраструктура, кои во минатото биле запрени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

