Македонија
Николовски: Со изградба на градини во училиштата до едукација на младите за производството на храна
По повод Светскиот ден на храната, денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присусутвуваше на одбележување на овој светски ден во ООУ „Аврам Писевски”. Настанот под мотото „Нашите дејствија се наша иднина, свет без глад до 2020 година е возможен”, беше во организација на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ ,,Аврам Писевски” и граѓанските организации ,,Слоу фуд Водно” и ,,Ајде Македонија”.
Секоја година 16 октомври се слави како Светски ден на храната, а годинава порака е ,,Нашите дејствија се нашата иднина”, односно да се засили посветеноста и, уште поважно, политичката поддршка кон одржлив свет ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост. Темата за оваа година е посветена на Целта за одржлив развој 2 – Свет без глад (Zero Hunger) коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот, туку и на постигнување на подобрена исхрана и одржливо земјоделство.

Министерот Николовски потенцираше дека денешниот ден повикува на посветеност на секој поединец, како и политичка поддршка, за да се остварат стремежите за создавање одржлив свет, ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост.
„Преку вакви локални настани можеме да ја потенцираме вредноста на храната во општеството. Над 815 милиони луѓе во светот се на граница на неисхранетост, а светот произведува доволно храна и производството на храна, е една од главните теми на кои посветуваме големо внимание. Производството на храна е особено предмет на работата на МЗШВ и затоа силно ќе ги поддржуваме сите настани преку кои ја зголемуваме јавната свест за вакви важни теми. А децата од најмали треба да ги научиме на овие навики и практики преку коишто навистина можеме да го промениме светот. Децата може да бидат амбасадори на сите овие политики на коишто генерално како Влада даваме силна поддршка. Заедно со Министерството за образование и наука на ниво на Влада ќе иницираме вакви училишта со вакви градини како во ОУ ‘Аврам Писевски’, во општина Карпош, да има во целата држава, тоа е импулс плус во делот на едукацијата, информираноста и на здравите навики кои се потребни за децата да ги градат од мали нозе“, изјави министерот Николовски.
Светскиот ден на храната се одбележува секоја година во светот на 16 октомври, во чест на датумот на основањето на ФАО во 1945 година. Оваа 2018 година на Светскиот ден на храната се одбележува 73-годишнината од основањето на ФАО. Настаните организирани од страна на ФАО, владите, локалните власти и други партнери во повеќе од 130 земји ширум светот повикуваат на зголемени активности за постигнување свет без глад до 2030 година.
Со денешниот настан во Скопје ФАО и партнерите повикаа на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Денес младите се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата. Оттука фокусот е ставен на младата генерација. Заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ ‘Аврам Писевски”, с. Бардовци, Скопје, „Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија”, ФАО го промовираше глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување практична едукација за храна и здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

