Македонија
Николовски: Точно ќе се знае кој функционер со каков имот може да располага
Точно ќе се знае кое ниво на функционер со каков имот и какви картички може да располага, најави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Тој денеска презентираше што содржи вториот приоритет од владината рамка „Акциски план 21“, со кој е предвидено да се донесат европските стандарди дома.
„Во владина постапка веќе се влезени неколку уредби со коишто ќе се ограничи и намали користењето на службените картички, автомобилите и останатиот имот со кој располагаат функционерите“, рече Николовски.
Според него, така ќе се спречи злоупотребувањето на државните ресурси.
„Преку креирање на единствен регистар на недвижности за сè што е во државна сопственост, како и преку регистарот на подароци ќе придонесеме за домаќинско управување со државниот недвижен имот. Така ќе се зголеми и нивото на одговорност на носителите на јавни функции“, рече Николовски.
Освен тоа, во првата половина на годината во соработка со USAID ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници.
Меѓутоа, она што е најавено со Акцискиот план 21 е и воведување телефонска линија на која ќе може граѓаните и правните лица да пријават ненавремено постапување на надлежните институции, по однос на поднесените барања.
Николовски најави и дека во секое министерство ќе се бира најдобар административец на годината за да се јакне свеста за препознавање на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

