Македонија
Николов: Власта го зајакнува приватното здравство, на сметка на јавното
Откако детската кардиохирургија ја префрлија во приватна здравствена установа, сега државата плаќа и странски лекари да работат во приватна здравствена установа, изјави Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција и додаде дека истовремено набавената опремата на Универзитетската клиника за детска хирургија, во висина од 2 милиони евра, стои целосно неискористена.
„Според превентивната програма на Министерство за здравство за кардиоваскуларни заболувања, објавена во ‘Службен весник’ за 2019 година, ја гледате овде позади, предвидени се 10 милиони 930 илјади денари за образовни и договорни услуги за тимовите на интензивна хируршка нега на Универзитетската клиника за детска хирургија во Скопје. Но што се случува, со народни пари се плаќаат странски доктори да се обучуваат и работата во приватна здравствена болница!! Зарем тоа е јавно приватно партнерство? Венко Филипче треба да одговори каде е тука јавниот партнер и кој е интересот на јавниот партнер и на јавната институција? Каде е размената на експертиза помеѓу јавните и приватните институции?“, вели Николов.
Тој праша дали државата ќе го обучува и плаќа кадарот на приватната болница, која ги инкасира средствата за услугите за кардиохирургија покачени за 45 проценти од ФЗОМ и плус средства дополнителни за обука на персоналот? Ова не е ништо друго туку криминал, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Ден Дончев и Венко Филипче треба да одговорат дали со нивни амин се празни касата на ФЗОМ и на Министерството за здравство? Дали после ова Ден Дончев планира да ја напушти земјата со својот странски пасош? Министре, со парите на граѓаните може единствено да се плаќаат професионалци, секако и од странство, но кои ќе работат во интерес на јавното здравство. Вие наместо да ја донесете експертизата во јавните здравствени институции и да го подобрувате капацитетот на јавното здравство, во континуитет го зајакнувате приватното здравство“, рече Николов.
Можеби и затоа, додаде тој, граѓаните не можат да добијат термин навреме за преглед, не можат да се добијат услуги во јавното здравството, за да истите ги добиваат во приватното здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.