Македонија
Николоски: Владата ќе донира 100 нови комби-возила за „Пошта“
Работиме за Македонска пошта како државна пошта конечно да ја издигнеме со квалитет и да обезбедува најквалитетни услуги на пазарот. Иако Македонија ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар, таквата работа создава главоболка во услови кога државната пошта како општествена компанија реализира услуги кога никој друг тоа не го прави. Затоа Владата ќе донира 100 нови возила за Пошта, а се размислува за законски измени со кои ќе се променат работите, истакна вицепремиерот Александар Николоски на Јавниот состанок на Агенцијата за пошти.
Како што потенцира, целта е да се заштити државниот капитал, да се издигне Пошта на поквалитетно ниво и да се избегне праксата на претходните Влади кои сакале да го продаваат државниот капитал.
„Ние би сакале Македонска пошта да расте и би сaкале да нaпредува и овие директиви во услови кога не сме членки на ЕУ ни создаваат главоболки во делот на државната пошта затоа што да бидеме фер и да бидеме отворени, многу е лесно да се земе дел од пазарот кој одговара, а Македонска пошта да има општествена одговорност и на пример да носи писма во услови кога никој друг тоа не го прави. Или сите подденакво ќе го носат товарот или ќе носиме други одлуки затоа што мојата намера е да се крене Пошта, а не вака да пропаѓа како што пропаѓа. И во таа насока повторно доаѓаме до ЕУ, а тое е барањето во Планот за раст да се подобри ефикасноста на услугите и намалување на трошоците за 15 %, како и подобрување на индикаторите за профитабилност за 15 %, што во услови кои ги кажав претходно не можеме да ги оствариме. Да најавам дека ќе има законски измени кои што ќе одат во насока да се променат работите”, рече Николоски.
Тој најави нови инвестиции во државната пошта.
„Во следниот месец дена Пошта ќе добие како донација од Владата 100 возила, од кои 90 се помали комби возила и 10 поголеми возила, а исто така работиме на една програма за помош во делот на софтвер, сортирки за работа и просторни услови како би ги довеле до ситуација да даваат најдобри услуги на пазарот. Во таа насока соработката со Агенцијата има клучна улога и мислам дека треба да соработуваме”, рече Николоски.
Тој истакна дека е-трговијата ќе зема се поголем замав како тренд за кој приватните пошти треба да се борат на пазарот.
Во моментот на домашниот пазар работат 29 правни лица, од кои 28 приватни пошти и АД Пошта на Македонија, како државана компанија со индивидуална дозвола за обезбедување на универзална услуга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

