Македонија
Николоски: Директорката на прилепската болница поставена од Филипче со огромен корупциски скандал – за иста услуга плаќала дупло
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, на денешната пред сконференција се осврна на, како што рече, криминалот и корупцијата коишто се случуваат во Општата болница во Прилеп која што е директорувана од директорката Кети Смилеска која е поставена за директор од страна на носителот на листата на СДСМ во четвртата изборна единица Венко Филипче.
– Состојбата во прилепската болница е ужасна, голем број одделенија не работат, нема соодветни здравствени услуги, дури нема ни основни здравствени услуги за пациентите. Во време на корона кризата Прилеп за жал имаше највисока смртност токму заради состојбата во прилепската болница. Се сеќавате дека немаше довод за кислород скоро една година, а кога се отвори модуларната болница, немаше крај на забеганоста па Венко Филипче заедно со Јована Тренчевска со хеликоптер слетаа во Прилеп за да ја отворат. Во Општата болница Прилеп нема лекови за пациентите, нема соодветни здравствени услуги затоа што има криминал и корупција, – рече Николоски.
Тој најави серија прес конференции на коишто ќе обзнани бројни криминали во болницата. Ги наведе договорите за одржување на компјутерскиот систем и посочи дека се работи за два исти договори, едниот потпишан на 2 декември 2021 година и вториот потпишан на 22 февруари 2024 година со истата фирма Кодекс компјутери.
– Доколку внимателно се разгледаат овие два договори ќе се види дека за истата работа, а тоа е одржување на постоечкиот информациски систем со иста спецификација која е препишана и е јајце на јајце буквално помеѓу едниот и другиот тендер, разликата во цена е 60.000 евра. Истата фирма го добива тендерот и во 2021 година и во 2024 година, но во 2024 година за 60.000 евра поскапо. Доколку одиме на единечна цена што мислам дека најфрапантно во целата оваа работа, за истата услуга одржување на компјутерскиот систем во 2021 година цената е 162.500 денари или некаде околу 2.500 илјади евра, а веќе во 2024 година е 5.000 евра. Повторувам во 2021 година одржувањето на компјутерскиот систем кој што според спецификацијата е исти и во 2021 чини 2.500 евра месечно а во 2024 година чини 5.000 евра месечно. Што значи дека во Прилепската болница оди на дупло значи не се зголемило за 10 или 20 проценти како што фамозно крадат од СДСМ тука во прилепската болница директорката поставена од Венко Филипче краде 100 проценти, – обвини Николоски.
Тој прецизира дека за 100 проценти повисок договор дава во 2024 година односно истата услуга која што во 2021 чинела 2.500 евра месечно во 2024 година 5.000 евра месечно или разликата за 24 месечен период е 60.000 евра пари кои што се одлеваат од прилепската болница и затоа нема соодветни здравствени услуги за граѓаните.
Николоски најави дека во следниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да обзнанува и други криминали што само покажуваат како работел Венко Филипче од каде му се парите за скапото ауди и за удопствата во животот.
– Тие сигурно не се ниту од министерската ниту од докторската плата очигледно се од криминал и корупција, како што денес не даде одговори на крупните прашања кои што ги поставувавме поврзани со наводите за криминал и корупција во време на неговото министерување, – заклучува Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

