Македонија
Николоски изјави дека Арсовска е надлежна за постапување за дивоградбите, градоначалничката го нарече неписмен
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и градоначалничката Данела Арсовска не се согласуваат околу надлежноста за дивоградбите во Чаир.
Одговарајќи на пратеничко прашање за дивоградбите во Собранието, Николоски рече дека Министерството за транспорт и врски има надлежност да постапува само за градби од А категорија, а за градбите за кои говори секојдневно градоначалничката од Град Скопје надлежен е Градот.
Според Николоски, настапите на градоначалничката Данела Арсовска се спектакли, бидејќи како градска власт, таа има право да постапи ако се утврди дека одредени објекти се дивоградби.
„Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција и наместо да се прават спектакли, нека излезат со градежна инспекција и нека утврдат. Доколку има дивоградби, истите треба да се срушат. Доколку не сака да ги сруши инвеститорот, треба градот да распише тендер за фирма за рушење и таа фирма да ги сруши, а потоа трошоците паѓаат на товар на оној кој бесправно градел. И да поднесе сооветна пријава до надлежното обвинителство и кривично да се одговара, а целокупниот имот доколку е изграден на земјиште на Република Македонија, затоа што има и такви индиции што се изнесуваат во јавноста, се конфискува“, рече Николоски.
Додаде дека секојдневните спектакли во јавност, а ниедно од правните дејствија не се направени, може да не носи до други заклучоци дали позадината е мотвирана од политичката партија ДУИ и од одредени релации што градоначалничката ги има со високи функционери на ДУИ.
Арсовска се огласи преку статус на социјалните мрежи: „Ќе му пише ли некој на неписмениов што глуми министер дека Град Скопје согласно закон е единствена од 81 општина што нема градежна инспекција (пак да потенцирам за неписмениов аман така е утврдено со закон).
„Има ли некој од неговите 500 партиски експерти, на корумпираниов што не можеше да добие безбедносен сертификат за да биде министер за надворешни работи или за одбрана, па мора да го трпиме да лупа глупости ко министер за транспорт да му каже дека негов орган е Државниот инспекторат за градежништво“, напиша Арсовска.
Понатаму додаде дека за да го сруши Вики (така го нарекува градоначалникот Висар Ганиу) на министерот му требаат интегритет и храброст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

