Македонија
Николоски од Тетово: Програмата на ВМРО-ДПМНЕ води кон подобра инфраструктура и решавање на проблемот со водоснабдувањето
„Би сакал да ја поздравам иницијативата ‘Го сакам Тетово’, која овие два дена организира и концерти, кои навистина вчера беа масовно посетени, а очекувам и вечерва да има масовна посетеност, така што во рамките на овие посети се обидуваме да поразговараме со луѓето за нивното секојдневие, за нивните проблеми. Изборите за советници во Тетово даваат добра можност да можеме уште еднаш да поразговараме со луѓето и да ги видиме нивните барања и нивните проблеми“, порача денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој напомена дека „програмата на ВМРО-ДПМНЕ е веќе поделена во градот Тетово, таму имаме конкретни мерки за подобрување на инфраструктурата, понатаму вложување во екологијата, пред сè, во развој на паркови и создавање голем градски парк, понатаму решавање, конечно, на проблемот со водоснабдувањето и многубројни други проблеми со кои се соочуваат тетовци. Секако, тука се и економските предизвици, кои и не секогаш се во надлежност на Советот да може тој да помага, а овие локални избори мислам дека ќе бидат и вовед во предвремени парламентарни избори“.
„Очекувам околу ВМРО-ДПМНЕ да се обединат што поголем број граѓани и да ѝ дадат доверба на ВМРО-ДПМНЕ со цел да може да се реализираат многубројни проекти. Ние нема да сме скромни и ќе кажам дека очекуваме да имаме најмалку 6 советници во Советот, кои ќе бидат клучни при одредувањето на мнозинството во Советот и ќе ја одредат идната патека на градот Тетово и на општината Тетово“, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

