Македонија
Николоски: Со датум за преговори не може да се местат тендери, на Владата како да ѝ одговара статус кво
Во Луксембург се потврди она што сите го знаеме, а тоа е дека Македонија со Заев, Димитров, Османи и со Шекеринска, за жал, и овој јуни не доби датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција.
Тој истакна дека ваквиот исход, пред сè, се должи на лошото работење на владините функционери во некои од клучните области.
„Како сакате да ве видат во исто друштво со уништено здравство во кое однапред се знае кој и како ќе ги добива тендерите, кога дрога на улиците има како никогаш порано, а економијата се сведува на онаа народната – јас, брат ми и по некој друг братучед?“, запраша Николоски.
Потпретседателот порача дека неговата партија сака Македонија да оди напред и токму затоа наместо да ја користат ситуацијата за дневнополитички поени, јавно понудиле да се формираат работни групи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Владата, кои ќе работат на реформите што Европската Унија ги бара.
„За жал, до овој момент на понудата што пред две недели ја изнесе претседателот на партијата, сè уште немаме одговор. Претпоставувам нема затоа што ги јаде ароганцијата и самобендисаноста, затоа што не знаат и не сакаат, а од други помош не примаат“, рече Николоски.
Во овој контекст тој јавно запраша дали можеби на СДСМ и Заев им одговора да нема датум за почеток на преговорите.
„Дали не сакаат да бидат контролирани од Европската Унија? Затоа што кога ќе почнат преговорите, тендерите ќе не може толку лесно да се местат и бизнисот да цвета“, порача Николоски додавајќи дека не смее да се губи повеќе време и веднаш мора да се направи план за реформи и работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

