Македонија
„Ниту една повеќе!“ повикува на блокада од 18 часот пред Паркот на жената борец: Да изградиме поинаков свет – свет без насилство врз жените
Феминистичкото движење за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе!“ најавува блокада која ќе се одржи денеска од 18 часот пред паркот „Жена Борец“ во Скопје.
„Се здружуваме за гласно и солидарно да зборуваме за еднаквост и живот без насилство. Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе!
Целта ни е да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени.
Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно – да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот. Не се потребни ниту експертиза, ниту професионално искуство – доволни се животното искуство, тагата и гневот кои сите ги чувствуваме. Преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да дискутираме за решенија наспроти институциите кои ги загрозуваат нашите животи.
Делуваме во женска солидарност за да повикаме на одговорност и промена – законска, институционална и општествена за ниту една повеќе да не биде жртва. Ве повикуваме да ни се придружите и заедно да замислиме и изградиме поинаков свет – свет без насилство врз жени.“, се наведува во соопштението на движењето „Ниту една повеќе!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

