Македонија
Ни трага, ни глас од внукот на Љубе Бошковски – пријавен е за исчезнат, се шпекулира дека е киднапиран
Сомнежите дека Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски, е киднапиран, останаа само шпекулација која струи во јавноста. МВР случајот и натаму го води како исчезнување. Детали не се споделуваат освен дека се преземаат сите чекори за негово пронаоѓање. Засега ниту потесното семејство не знае во која насока се одвива истрагата, додека МВР веќе има посебен тим кој презема дејствија.
Од попладнево, шпекулациите одат во насока дека Костадиновски e киднапиран од криминална група, поради наводен долг кој го имал кон нив. Не се знае дали ваквите наводи се испитуваат од страна на полицијата. Тезата за киднапирање се публикува по вторпат во изминативе 24 часа. Прв за ова објави пријател на Костадинов преку социјалната мрежа „Фејсбук“, а по неколку часа ја избриша објавата.
„Сакам да ви нагласам и воедно да се извинам за претходниот пост што го објавив од гнев бидејќи ја познавам личноста, и воедно избрзав со моите претпоставки. Цела населба е загрижена за братот, се молиме на Господ да помине позитивно и наскоро да биде со маалските пак!!“, напиша тој во нова објава.
Информациите кои доаѓаат од полицијата се малку. Познато е дека случајот како исчезнување го пријавил братот на Самоил. Според МВР, пријавата била во 8 часот изутрината на 4 март односно пред два дена. Ова беше наведено и во полицискиот билтен од викендот кој помина.
Неофицијалните, од полициски извори, се дека освен братот кој пријавил, сослушани се повеќе лица кои може да имаат информации за тоа каде се наоѓа Костадиновски, што му се случило, дали имал недоразбирања со некого, но и дали стравувал и кажувал дека може да му се случи нешто пред да биде пријавен за исчезнат. Од неколку локации во Скопје, земени се и снимки од видео надзори, кои ќе треба да и помогнат на истрагата.
26-годишното момче, Самоил Костадинов е внук од брат на Виолета, сопруга на Љубе Бошкоски. Таа за неколку медиуми веќе има изјавено дека е потресена од целото случување. Ниту таа, ниту семејството, немаат детали информации што се случило со скопјанецот, освен раскажувањата од негови пријатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

