Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус ќе биде ангажирана во училишта во Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус во следните две години ќе биде ангажирана во училишта во Македонија и ќе помага за јакнење на јазичните вештини на учениците и за развојот на поинклузивна училишна средина.
Волонтерите денес дадоа свечена заклетва во присуство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Весна Јаневска и Златко Перински, американската амбасадорка Анџела Агелер, директорот на Мировниот корпус, Дејвид Рисајд, повеќе градоначалници и училишни директори.
Посакувајќи им успешен почеток, министерката Јаневска рече дека новата група ќе биде големо засилување на веќе ангажираните 52 американски волонтери во образовните установи во Македонија.
„Вашето присуство не е само симбол на волонтерство, туку и сведоштво за желбата за градење мостови меѓу луѓето. Сакам да нагласам дека вашиот ангажман нема да се ограничи само на унапредување на јазичните вештини или на создавање поинклузивна училишна средина. Вие ќе придонесете за нешто многу поголемо, за зајакнување на партнерството меѓу нашите држави, градење заемна доверба, разбирање и посилно пријателство меѓу нашите народи“, рече Јаневска.
Волонтерите ќе бидат ангажирани во 20 основни училишта, 5 средни училишта, 2 ресурсни центра за ученици со посебни образовни потреби, едно училиште за лица со оштетен вид и една градинка. Јаневска е сигурна дека тие ќе остават трага во заедниците во кои ќе живеат и работат, но и дека многумина од нив ќе се вратат дома со, како што рече, дел од Македонија во срцето.
„Ние одамна сме научиле дека вистинските пријателства се градат со доверба, соработка и искрено почитување. Им оддаваме посебна чест на американскиот народ и на Соединетите Американски Држави, кои повеќе од 30 години се наш стратешки партнер во стремежот кон изградба на понапредна, поцврста и пообединета држава. Поддршката што ја добиваме останува значајна за развој и модернизација на нашето општество и за тоа упатувам длабока и искрена благодарност“, рече Јаневска.
Соработката на Македонија со Мировниот корпус датира од 1996 година кога беше воспоставен првиот проект за унапредување на наставата по англиски јазик преку договор меѓу двете влади.
Мировниот корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и на дружењето. Организацијата работи преку волонтери, кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

