Македонија
Нова рунда преговори во Виена – Димитров, Коѕијас и Нимиц на иста маса
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Виена ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.
„Средбата е дел од напорите на ОН за посредување меѓу двете земји за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името“, соопшти прес-службата на ОН.
Коѕијас пред оваа нова рунда преговори минатиот петок престојуваше во Скопје каде што оствари средба со Димитров, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
По средбата со Димитров, Коѕијас рече: „Веруваме во чесни договори, од кои во иднина двете страни ќе имаат придобивки. Да нема некој што ќе изгуби, а некој што ќе добие. Да има еден компромис“.
Шефот на грчката дипломатија, исто така, рече дека уставните промени се природни и, како што рече, грчкиот устав претрпел многу промени досега, дека се менуваат менталитетот и ставовите. Како што истакна, мора да се издвојат приоритетите на двете страни. „Не може едната страна да прифати сè што ќе предложи другата страна. Постојат компромиси, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува“, посочи Коѕијас.
Димитров, пак, на заедничката прес-конференција со Коѕијас рече дека слеано име на македонски јазик и без превод не е најдобриот правец во разговорите.
„Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици на ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека слеано име со некаква одредница заедно со името Македонија во еден збор е добро решение“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

