Македонија
Новинарските организации бараат ОЈО да го преиспита случајот со Златев
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост во врска со Обвинителниот предлог против Љупчо Златев, уредник на Лидер.мк, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје за наводно сторено кривично дело оддавање службена тајна.
ОЈО во својата објава вели дека на 9 јули и 12 јули на интернет-порталот на кој Златев е уредник, како и на фејсбук-страницата од истиот медиум, објавил текст во кој ставил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според ОЈО се класифицирани информации затоа што се однесуваат на оперативна проверка на лице.
„Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла. Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог“, велат од новинарските организации.
Тие сметаат дека секогаш кога институциите преземаат активности со кои може да се прекрши слободата на изразување клучно е внимателно и прецизно да се проценува дали јавниот интерес преовладува над нормативните акти.
„Институциите треба да земат предвид дека при постапување во вакви случаи треба да се водат од начелото на јавен интерес и од тоа колку ваквите судски постапки можат да предизвикаат самоцензура, а со тоа да се ускрати правото на граѓаните да бидат свесни за евентуални злоупотреби во институциите. Од друга страна, новинарите кога објавуваат сензитивни информации кои ги базираат на документи кои се класифицирани потребно е да покажат висок степен на професионализам, односно на почитување на професионалните новинарски стандарди, како и на доследно почитување на етичкиот кодекс на новинари“, се наведува во соопштението на ССНМ и ЗНМ.
Претходно денеска реакција стигна и од Aгенцијата за медиуми, од каде што оценија дека обвиненијата против новинари негативно влијаат врз слободата на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

