Македонија
Новиот Закон за прекинување на бременоста објавен во „Службен весник“
Новиот Закон за прекинување на бременоста е донесен и објавен во „Службен весник“ бр. 101 од 22 мај, закон што 8 дена по неговото објавување стапува во сила. Со новиот закон се укинуваат постојните административни процедури-бариери, кои го одложуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.
Првпат се воведува можноста за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита (ПЗЗ). Новиот закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.
Прекинот на бременоста може да се изврши по барање и со писмена согласност од бремената жена и по истекот на дванаесеттата гестациска недела во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност за животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, до зачнувањето дошло во врска со извршување кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето, жената би можело да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други ситуации што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Прекинувањето на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од бремената жена, односно од родителот, односно старателот ако бремената жена е малолетна или е лишена од деловна способност, може да се изврши, при што пред прекинување на бременоста докторот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.
По дваесет и втората гестациска недела, за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија, има право на приговор до второстепената комисија, составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.
Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена се заснова на дадена согласност свесно, без принуда од кого било и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение.
Со донесувањето на овој закон на жените им се овозможуваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената, со цел да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност, а воедно се укинуваат административните бариери, односно чекање три дена по советувањето. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да ѝ го одземе. Волјата на жената е на прво место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

