Македонија
Нови проекти во основните училишта во општина Центар

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска одржа работен состанок со Активот на директори од општинските основни училишта и ги најави идните проекти што ќе се реализираат во општината.
Како што информираат локалните власти, во наредниот период ќе почнат проекти за реконструкција на спортската сала во ОУ „Димитар Миладинов“, доградба на училниците во ОУ „Коле Неделковски“, изградба на ново спортско и детско игралиште во ОУ „11 Октомври“, реконструкција на тоалетите во ОУ „Кирил и Методиј“, партерно уредување на дворот во ОУ „Кочо Рацин“ и реконструкција на кровната површина во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
„Со измените и ребалансот на буџетот на Општина Центар за 2021 година предвидени се 1.755.000 денари за лица што ќе бидат ангажирани во основните училишта, односно лични и образовни асистенти за потребите на децата со попреченост во развојот. Општината дополнително ќе обезбеди 960.000 денари за набавка на нагледни средства и печатење на учебници за четврто одделение, 630.000 денари за ангажирање наставници по физичко образование за четврто и петто одделение и 3 милиони денари за ангажирање агенција за обезбедување на училишните објекти“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Целосна поддршка за пратеничката Мимоза Муса, покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период

„ВЛЕН ја изразува целосната поддршка и благодарност за принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката Мимоза Муса, која покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата“, велат од ВЛЕН.
„Пратеничката Муса, избрана претставничка од редовите на Алијансата за Албанците, остана лојална на волјата на 107 илјади албански граѓани кои му дадоа доверба на овој коалиционен блок со цел да донесе промени и да отвори ново поглавје на чесно политичко претставување.
Нејзиниот став е јасен доказ дека претставувањето во Собранието не е само политички мандат, туку мисија во служба на граѓаните, на вистината и на стремежот за длабока реформа на албанската политика.
ВЛЕН потврдува дека единството, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ќе ја изградиме нашата политичка иднина. Нашите пратеници, без исклучок, се обврзани да ги застапуваат граѓанските интереси и да се држат далеку од каков било компромис што е во спротивност со волјата на слободниот глас.
Јавно ѝ се заблагодаруваме на г-ѓа Муса и ѝ посакуваме понатамошен успех во достоинственото претставување на интересите на албанските граѓани“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Националниот ден на Власите

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на Свечената академија што се одржа во Македонскиот Народен театар по повод 120 години од официјалното признавање на Власите како посебен народ.
На настанот беше присутен државниот врв, претставници на институции, организации и бројни членови на влашката заедница во Македонија.
„Влашкиот народ има длабоки историски корени и значајна трага во македонското културно и општествено ткиво. Со својот труд, со својата култура и посветеност, тие оставиле и сѐ уште оставаат длабоки траги во економскиот, културниот и општествениот развој на нашата држава.
Ова е ден кога се потсетуваме дека секоја етничка заедница е непроценлив дел од мозаикот на македонската државност. И токму затоа, наша обврска како институции е да продолжиме да создаваме општество во кое секој ќе се чувствува виден, вреднуван и подеднакво вклучен.
Горди сме што Општина Кисела Вода е дом и на бројни припадници на влашката заедница и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што водат кон градење на почит, соработка и траен соживот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.
Молебенот, на којшто присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија владиката Јосиф и владиката Јаков со претставници на Македонската православна црква — Охридска архиепископија.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим, првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од неговата смрт. Оттогаш секоја година, на 24 мај, со највисоки почести се одбележува во присуство на македонска државно – црковна делегација.