Македонија
Новогодишно обраќање на вицепремиерот Битиќи: Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници , овие вредности нека не водат низ новата година
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на сите граѓани им ја честита новата 2024 година, за која вели дека е шанса за нов почеток, и да ja искористиме за убави мисли, почит, одговорност и грижа еден за друг, во нашата секојдневна работа и живот.„Мојата желба е низ оваа година да не водат позитивните вредностите кои не дефинираат сите нас како граѓани на земјава, секој со сопствен белег и придонес кон создавањето на подобро утре. Ова е мојата водилка овие три и пол години како вицепремиер во Владата, која вие ја препознавате како Влада која решава кризи и работи за вашата благосостојба“, вели Битиќи.Вицепремиерот Битиќи во новогодишното обраќање рече дека она што ја прави различна социјалдемократијата, е грижата и поддршката за најранливите.„Затоа сум исклучително горд на мерките со кои граѓаните од ранливите категории полесно ги презимуваат зимите. Овие мерки, кои ги носиме во криза, значат повеќе пари кај оние на кои им е најпотребно, кога им е најпотребно. Не забораваме никој. Помагаме во криза, но одговорно мислиме и на иднината. Токму затоа се фокусиравме и на зголемување на платите. Растот на платите во овие шест години никогаш не бил поголем, и тие ќе продолжат да растат“, вели Битиќи.Вицепремиерот Битиќи се осврна и на напорите на Владата за создавање на предвидливост и за оние кои се дале себеси и својот труд за ова општество.„Затоа донесовме нова методологија за покачување на пензиите, за сите наши пензионери, согласно стандардот за живот. Солидарноста и сплотеноста сите не прават победници. Ова се позитивните вредности со кои ќе надвладееме над поделеноста и разединетоста. Вака ќе чекориме кон иднината, мислејќи на нашите деца, свесни дека токму тие, нашите деца, ќе живеат со последиците од нашите постапки денес. Затоа, за себе потврдувам, но и на сите на кои ни е доверена привилегијата да носиме одлуки, не повикувам, да постапуваме одговорно со нивната иднина, иднината на нашата држава. Да ја направиме да биде светла, јасна, извесна. Ви посакувам Среќна Нова 2024 година“, вели во новогодишното обраќање заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

