Македонија
Новороденче со сепса почина на Детската клиника во Скопје: мајката раскажа за голготата низ која што поминала
Новороденче старо 10 дена почина од сепса на Клиниката за детски болести во Скопје.
Од Клиниката велат дека бебето кај нив било донесено од прилепската болница во исклучително тешка здравствена сосојба. Било примено на одделот за интензивна нега, потоа и интубирано, а откажале и бубрезите. Од тука додаваат дека според клиничките и биохемиските параметри, се работи за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање.
Мајката на бебето на социјалните мрежи обвинува за негрижа на медицинските лица. Пишува дека бебето се родило здраво, но по два дена и соопштиле дека има жолтица и дека ќе го оди на фототерапија, а потоа ќе бидат пуштени дома. Но по шест часа и кажале дека ќе бидат потребни уште толку.
„Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоаа. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел.? Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика што направиле со него. Му направила уште една крвна слика која немало никакви знаци на инфекција“, пишува на својот фејсбук профил мајката Лиле Петровиќ.
Потоа и било кажано дека бебето ќе биде пратено Скопје поради жолтицата и дека таму имале подобри апарати.
„И поверував и на тоа и слегов во ходникот, ги чекав да го донесат бебето и да одиме во амбулантското комбе додека тие заминаа преку друг излез за да ме избегнат и да не го видам детето. Кога отидов го видов детето со кислородна маска за дишење (ДАЛИ НА БЕБЕ СО ЖОЛТИЦА СЕ СТАВА КИСЛОРОДНА МАСКА ЗА ДИШЕЊЕ?). Стигнавме на Клиниката за Детски Болести, и веднаш беше хоспитализирано на интензивна нега. Си заминав дома со празни раце. Дента на хоспитализирање ми кажаа дека е инфекција, а по два дена испитувања дека детето фатило тешка сепса и дека како такво било донесено од Прилепската Болница“, раскажа мајката.
Од Болницата во Прилеп потврдија дека новороденчето се родило во добра здравствена сосотјба, но потоа се влошувала – имало потешкотии со дишењето, земена била крв за анализа, поставена инфузиона, двојна антибиотска терапија. Сепак, по консултација со лекар од Клиниката за детски болести бебето било транспортирано на Детската клиника во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште
Во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно работат со паралелки од неколку ученици и затоа блок дотациите кои ги исплаќаме за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците. Проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Тоа ќе донесе и подобри резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање во врска со неисплатениот регрес за годишен одмор на наставниците од средните училишта во општина Гостивар.
„Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар има исплатено блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки. Но, 96,9% од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.
Посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.
„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката, потенцирајќи дека лани едносменската настава имало во 150 училишта, а годинава во повеќе од 200.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.

