Македонија
Ново зеленило од 3.700 квадратни метри на булеварот Србија
Eкипи на ЈП „Паркови и зеленило“ почнаа со активности за хортикултурно уредување на нова зелена површина на булеварот Србија, на потегот од булеварот Февруарски поход до булевар АСНОМ во општина Аеродром.
Oд Град Скопје информираат дека на оваа локација завршила изградбата на вело и на пешачката патека во должина од 850 метри, на вкупна површина од 3.400 квадратни метри.
„Со реализацијата на овие активности, на овој запуштен потег во општина Аеродром ќе се формира нов зелен коридор на површина од 3.700 квадратни метри меѓу коловозната лента и велопатеката на булеварот Србија.
Хортикултурното уредување се реализира етапно и опфаќа формирање нов тревник, садење нова вегетација и спроведување систем за полевање“, се наведува во соопштението на градските власти.
Новопредвиденото зеленило го сочинуваaт листопадни и зимзелени садници, а изборот на видовите е направен да се добие естетски и функционално уредена зелена површина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами слави во Тетово: Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Влен
Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Влен, кажа претседателот на БЕСА, дел од коалицијата Влен, Билал Касами.
Касами рече дека ВЛЕН е победник во сите општини со мнозинско албанско население, а резултатот го препиша и на доаѓањето на иселениците.
„Коалицијата Влен е апсолутен победник кај Албанците“, изјави Касами.
Тој очекува да имаат број на пратеници колку и ДУИ.
Според досега пребројаните гласови, коалицијата Влен има 92.091 гласа, односно 11,21 отсто, а Европскиот фронт на ДУИ, 117.503 гласа, или 14,30 отсто.
Македонија
Димитриевски: ЗНАМ вечерва испиша историја
Максим Димитриевски и посака успешен мандат на Гордана Силјановска Давкова.
„Да ја води Македонија во правилна насока, да биде тука за граѓаните, бидејќи нашата борба е и ќе биде за граѓаните. Воедно да честитам на ВМРО-ДПМНЕ за убедливата победа. Верувам дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите останати политички субјекти кои гравитираа досега на политичката сцена. За нас од ЗНАМ гордо можам да потврдам дека ЗНАМ од вечерва ја започнува својата борба за достоинствена Македонија. ЗНАМ вечерва испиша историја. Ние потвдивме минимум пратеничка група и некаде околу 60 илјади гласови“, кажа Димитриевски и се заблагодари на граѓаните кои што излегоа на изборите.
„Од денеска продолжуваме како што ветувавме во предизборната кампања, согласно нашите определби, програмски и сето што беше ветено пред граѓаните. Ние сме партија формирана од граѓаните, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за граѓаните“, додаде Димитриевски.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Силјановска изјави дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома.
Според резултатите од Државната изборна комисија од 80,37 отсто од преброените гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83 отсто, а Пендаровски освои 198.288 или 29,24 проценти од гласовите.