Македонија
Нов комеморативен споменик ќе биде поставен на Француските воени гробишта во Битола
Денеска во 17 часот, 100 години од денот на победничката офанзива на 15 септември 1918 и пробивот на Македонскиот фронт, што на Запад доведе до побрзо потпишување на примирјето од 11 ноември истата година, амбасадорот на Франција ќе открие комеморативен споменик на Француските воени гробишта во Битола во присуство на градоначалникот на Новаци и на претставници од општините во регионот, како и претставници на Националната асоцијација за сеќавање на Дарданелите и Источниот фронт и голем број потомци на борци од Македонскиот фронт.
Националната асоцијација за сеќавање на Дарданелите и Источниот фронт спроведе изработка на реплика на споменикот кој датира од 15 септември 1938 година, а кој денес веќе не постои. Неговата реставрација беше овозможена благодарение на статуата од Мон де Марсан, што ќе биде поставена на Француските воени гробишта во Битола (поранешен манастир) на 14 септември 2018. Овој проект е под знакот на делегацијата задолжена за стогодишнината од Првата светска војна. Тој е поддржан од повеќе донатори, јавни и општествени организации и поединци, вклучувајќи ги и членовите на ова здружение, што зборува за тоа колку се живи спомените од тоа време што ја одбележа целата европска историја. Министерството за култура на Македонија ги запиша овие комеморации во својата агенда на Европската година на културата. На тој начин се потсетуваме дека оваа страница од историјата на Македонија претставува дел од европската историја. Градот Битола во тој контекст е носител, како и Верден, на францускиот Воен крст, во знак на почит кон страдањата на локалното население.
Висок два метриа споменикот ќе биде поставен на достапна локација со специјална дозвола од француското Министерство за вооружени сили на гробиштата во Битола, каде што почиваат паднати за Франција 6.134 идентификувани војници, а се наоѓаат уште и 128 неидентификувани гробови и костурница со остатоците на речиси 7.000 војници. Мала копија исто така ќе биде поставена на местото каде што некогаш постоел споменикот, над Добро Поле. По тој повод грутки земја земени од Верден, од ровот кај Шатанкур, ќе бидат донесени на ова место на сеќавањата при откривањето на споменикот. Следниот ден, в сабота, 15 септември, здружението за запознавање и патување „Оф роуд Македонија“ од Битола организира посета на локациите со теренски возила. Се работи за промоција на културно-историскиот туризам, со што се искажува почит кон минатото и кон локалното наследство и се воспоставуваат нови врски меѓу нашите две земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

