Македонија
Се гради нов парк во Кисела Вода
На неуредениот простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга во Кисела Вода деновиве се уредува нов парк. Новата зелена оаза ќе зафаќа површина од 16.000 квадратни метри и во него ќе се засадат над 150 листопадни и 240 зимзелени садници, како и околу 400 украсни грмушки. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска извршија увид во уредувањето на оваа зелена површина.
„Градот Скопје во соработка со Општина Кисела Вода го облагородуваат овој простор што порано беше дива депонија. Овде ќе никне нов парк на површина од 16.000 квадратни метри, кој ќе биде партерно уреден со детски игралишта. Ќе придонесеме овој дел од градот што беше целосно запуштен да добие урбана нота и да биде уреден за граѓаните да добијат достоинствено место каде што ќе го поминуваат своето слободно време со своите деца. Градот Скопје интензивно уредува вакви неуредени локации и диви депонии, пред неколку дена го промовиравме новиот парк во Аеродром, сега сме во Кисела Вода, а се работи и во Ѓорче Петров и во Карпош 4. Места кои претходно биле диви депонии прераснуваат во мали зелени оази за да придонесеме за поздрава и поубава животна средина“, рече Шилегов.
Паркот во Кисела Вода ќе располага и со систем за наводнување и хидрантска мрежа со вкупна должина од 500 метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

