Македонија
Обвинение за таткото и двете ќерки: спречиле службени лица да одземат добиток во Крива Паланка
Основното јавно обвинителство Крива Паланка поднесе обвинителен предлог против три лица за кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејство од член 382 став 1 од Кривичниот законик.
Станува збор за татко и две ќерки, кои на 2 декември, на местото наречено Самоков, во близина на кривопаланечкото село Луке, спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство да извршат службено дејство и да постапат по правосилно решение за одземање крупен добиток.
Таткото е обвинет и дека при настанот ја загрозил сигурноста на четири присутни лица сериозно заканувајќи им се дека ќе нападне врз нивниот живот и тело, со намера да ги вознемири и заплаши. Затоа тој е обвинет и за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик.
Една од двете ќерки е обвинета и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик бидејќи таа телесно повредила полициски службеник, кој бил повикан да асистира при одземањето на говедата, така што го влечела и го гребела по лицето.
Како резултат на дејствата на тројцата обвинети, лицата ангажирани од АХВ биле спречени да постапат по решенијата и да го одземат добитокот од обвинетите.
Во текот на постапката за обезбедување на доказите сите три лица беа обезбедени со мерка притвор. Со поднесувањето на обвинението, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката и поединечните околности кај секој од обвинетите, надлежниот јавен обвинител до судот достави предлог со кој предложи притворската мерка да биде продолжена за таткото и за една од ќерките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

