Македонија
Обвинение за убиството на трговецот Ефтимов што се случи кај „Мавровка“, убиецот пукал и кон полицијата
Скопското Обвинителството поднесе обвинение против едно лице поради убиството што се случи кон крајот на август зад трговскиот центар „Мавровка“, а беше убиен трговецот Васил Ефтимов.
Обвинетиот, на 20 август, зад трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол, го лишил од живот оштетениот Васил Ефтимов по што со пиштолот ѝ се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата што таа ја носела на рамото, како и една гајба во разни бои, покриена со шаторско крило, во која имало секаков рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото.
Потоа во автомобил со белгиски регистраски ознаки избегал кон Гази Баба. Подоцна, во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата Стојна Стефкова во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги убие.
Полицајците во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздухот со службеното оружје и успеале обвинетиот да го совладаат по што тој го фрлил пиштолот и бил уапсен.
Обвинетиот ќе одговара и за недозволено поседување на оружјето со кое го извршил делото – полуавтоматски пиштол марка „глок 17“, без фабрички број, во калибар од 9 мм, кој го поседувал без дозвола.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

