Македонија
Обвинение против три лица од ФКН АД Неготино, си прибавиле за себе над 5 милијарди денари
Обвинителството од Велес, по спроведена истрага, до Основен суд Велес поднесе Обвинителен акт против две лица од Скопје, како соизвршители, за продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување и против едно лице од Скопје.
Во временскиот период од 2002 година до 2006 година, двајца од обвинетите биле управители на Алскоп ГМБХ од Франкфурт, Германија со единствено право на застапување. Во исто време, еден од нив ја извршувал функцијата генерален директор на ФКН АД Неготино, додека другиот бил претседател на Одборот на директори на ФКН АД Неготино. Притоа тие, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, во повеќе наврати на штета на ФКН АД Неготино за себе прибавиле значителна имотна корист во вредност од 5.725.123.048,35 денари. Во ова со умисла им помогнала и третата обвинета, во својство на законски застапник на Интер кабел АД Скопје.
Двајцата обвинети, спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, склучувале договори и донесувале одлуки во кои имале интерес, без да добијат одобрување од неизвршните членови на Одборот и без да го известат Собранието на акционери. Имено, без спроведена постапка и без донесена одлука од Собранието на акционери тие стапувале во деловни односи со фирмата Интер кабел АД Скопје и со Алскоп ГМБХ.
Третата обвинета не платила претходно примени фактури за извршен превоз од фирмите Повардарие Шпед, Поп Транс, Алекса Турс и Макошпед СК, туку ги префактурирала на правното лцие ФКН АД Неготино по што останатите двајца обвинети ги прифаќале ваквите фактури.
На 29.11.2005 година, двајцата обвинети помогнати од третата обвинета, склучиле договор за пристапување кон договорот за рамковен револвинг кредитен лимит помеѓу Интер кабел и Комерцијална банка со договор за залог врз недвижен имот. Кредитот со пресметаните камати во износ од 40.221.194,50 денари во целост го исплатиле на 20.10.2007 година на штета на ФКН АД Неготино.
На 18.09.2007 година еден од обвинетите, како одговорно лице на ФКН АД Неготино, помогнат од третата обвинета како законски застапник на Интер кабел, склучил договор за отстапување на побарување-цесија помеѓу Интер кабел како отстапувач-цедент, Елинг Скопје како примач на побарувањето – цесионер и ФКН АД Неготино како должник-цесус, со што побарувањето на Интер кабел од Скопје кон ФКН АД Неготино преминало на Елинг Скопје. Договорот не бил книговодствено евидентиран во ФКН и немал деловоден број, со што на Интер кабел му бил признат без основ износ од 39.331.471,50 денари на штета на ФКН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

