Македонија
Обвинение против четири лица кои мачеле и тепале мигранти во куќа во Куманово
Поднесено е обвинение против еден македонски државјанин и тројца државјани на Пакистан, кои биле соизвршители во случајот кога минатата година во куќа во селото Васкинце, Кумановско, беа затекнати мигранти што биле држени затворени во куќа и физички малтретирани.
„Со намера да стекнат материјална корист, обвинетите Пакистанци постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите. Тие спротивно на волјата на жртвите повеќе денови присилно ги држеле во дел од куќата каде што на прозорците залепиле црни кеси поради што мигрантите го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ. Жртвите добивале еден оброк дневно, што не им било доволно, и биле физички малтретирани“, велат од Обвинителството.
Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, обвинетите Пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив удирајќи ги со црево по телото, а потоа им ставале нож под грлото држејќи ги од зад грб и им се заканувале дека ќе бидат убиени доколку не дадат пари.
Ваквите настани еден од обвинетите ги снимал со телефон, а видеото, откако жртвите телефонски ќе стапеле во контакт со свои роднини, кои веќе биле заминати во западноевропските земји, го испраќал на роднините со појаснување дека доколку не им испратат пари, ќе бидат убиени или нема да им се дозволи да ја напуштат куќата.
„Роднините на мигрантите, присилени на ваков начин, по пат на хавала-систем – древен систем на меѓусебно плаќање врз основа на доверба надвор од банкарскиот систем, им префрлале пари на жртвите, а тие им ги давале на рака на обвинетите. Ако договорените парични износи не биле испратени во зададениот рок, обвинетите повторно ги тепале мигрантите, а малолетните ги присилувале и да чистат. Оштетените, веднаш по пристигнувањето во куќата, присилени на ваков начин, плаќале колку што имале во моментот, а дополнително барале пари од роднините, но и покрај тоа, некои од нив, иако платиле, биле задржани и понатаму со цел повторно да платат“, информираат од Обвинителството.
Случајот бил пријавен во српска полиција од страна на пријател на две жртви и по добиената информација од страна на органите на Р. Србија, вечерта на 1 ноември околу 22 часот е спроведена полициска акција. При претрес на куќата на првоосомничениот пронајдени се дванаесет мигранти, меѓу кои и две малолетни лица.
Ценејќи дека сè уште се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител со обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата Пакистанци и мерка куќен притвор за првообвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

