Македонија
Обвинителен акт и проширување на истражна постапка за уште шест лица во предметот „Исар“
По неколку месечна истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против единаесет лица. Според опишаните дејствија во диспозитивот на обвинението на обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти од член 418-в и, додека шест лица се обвинети и за кривично дело – Криумчарење на мигранти од член 418-б од КЗ.
Како што соопшти обвинителството, истражната постапка беше отворена на почетокот на месец јуни како резултат на криминалистичка истрага „Исар“ која се спроведуваше над 17- члена група – дел од меѓународен канал за криумчарење на мигранти. Со тогашната акција е сузбиена меѓународна криминална група која во периодот од месец јули 2021 до мај 2023 година, врз основа на претходен договор со лица од Србија, Бугарија, Унгарија и РСМ се занимавала со организирање на криумчарење на мигранти од територијата на Р.Грција кон Р.Унгарија и од Р.Бугарија кон Р.Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ.
Според сознанијата од истрагата лице – организатор по потекло од Ирак, со германски патни документи, кој во моментов е на отслужување на казна затвор во С.Р.Германија за кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога, заедно со две лица спрема кои е донесена Пресуда врз основа на предлог спогодба и тројцата првообвинети, со умисла и од користољубие, создале и организирале група за вршење на кривично дело Криумчарење на мигранти од чл.418-б од КЗ. Функционирајќи преку лични средби, како и преку воспоставен телефонски начин на комуникација или преку интернет комуникација, припадници на организираната криминална група станале и останатите обвинети и уште две лица кои во текот на истражната постапка се спогодиле со обвинителството.
Откако Ирачанецот по претходна комуникација со организаторите од РСМ, ќе договорел прифаќање и превезување на илегални мигранти на територијата на Бугарија и Унгарија, преку брз трансфер на пари РИА“ и „Western Union“ испратени преку лица посредници од Турција или лично на рака вршел трансфер на пари кон двајцата осудени организатори од РСМ. Овие парични средства биле наменети за за трошоци за изнајмување на возила, патни трошоци, патарини и гориво, по што тие се договарале со останатите организатори – тројцата првообвинети како да прифатат и превезат илегални мигранти и да купат или да обезбедат возила од различни Рент-а кар агенции од Скопје, Куманово, Тетово и од Р.Бугарија. Потоа ги ангажирале членовите на групата со задача да бидат возачи или „чистачи на патот“ . Насоките и локацијата им била испраќана преку апликациите „Whats Up“, „Viber“ и „Messenger“ или преку лични средби на претходно договорени локации во Србија и Унгарија. По што членовите прифаќале и превезувале илегални мигранти. Повремено биле ангажирани и други лица како возачи, за што обвинетите како организатори во зависност од бројот на криумчарени мигранти или државата преку чија територија биле криумчарени мигрантите, за успешно извршеното криумчарење им исплаќале износ од 2.000 до 4.000 евра, соопшти Обвинителството.
Врз основа на активностите во текот на истражната постапка се откриени уште шест припадници на оваа организирана група против кои јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка. Осомничените од месец август 2021 до мај 2023 година како припадници на меѓународната криминална група, заедно со организаторите обвинетите и осудените кои дел од нив биле во улога на „чистачи“, имале задача да прифатат и превезат илегални мигранти на територијата на Р.Бугарија и Р.Унгарија,. По успешното извршено криумчарење на мигранти, во зависност од земјата во која требало да го вршат прифаќањето и превезувањето на илегалните мигранти им бил исплаќан износ од 1.000 до 3.000 евра.
Како резултат на меѓународна правна помош и меѓународна полициска соработка во текот на севкупната постапка обезбедени се докази за вкупно девет кривично правни настани на територија на Р.С.Македонија, Р.Унгарија и Р.Бугарија. Во два кривично правни настани се прокриумчарени се вкупно 47 лица – илегални мигранти од Авганистан на територија Р.Бугарија. На територија на нашата држава во четири кривично правни настани се прокриумчарени 54 илегални мигранти и на територија на Р.Унгарија 39 илегални мигранти во три кривично правни настани, се додава во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

