Македонија
Поднесено обвинение за Марјан од „Доказ М“, оштетен раскажал како бил уценуван
Обвинителството поднесе обвинитение и достави предлог за продолжување на притврот за сопственикот на „Доказ М“, Марјан Стаменковски.
Тој се товари дека преку веб-портал во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб-порталот во негова сопственост.
Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена.
Oд почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, обвинетиот на веб-порталот ѝ ставил на располагање на јавноста заштитено аудиовизуелно дело овозможувајќи негово неограничено јавно прикажување. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое во согласност со договор за лиценцирање телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината. Притоа обвинетиот сторил кривично дело пиратерија на аудиовизуелно дело.
Преку веб-порталот во сопственост на обвинетиот биле објавувани серија текстови, со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон двајца пријавители свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во објавените текстови обвинетиот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив, но и раздор во верската заедница. Во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови, со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите обвинетиот ги споделувал и на својот профил на социјална мрежа, каде што поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања, со што сторил кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше и обезбеди докази и по поднесена кривична пријава од две новинарки, кои пријавиле дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител, во кои ги поткрепија своите сомненија дека заднината на објавите на веб-порталот е да им се изврши притисок и цензура. Во текстовите обвинетиот директно промовирал омраза и врз основа на етничка припадност. Со тоа обвинетиот се товари дека сторил уште едно кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Во наведениот период, додека во Обвинителството се водеше постапката против обвинетиот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер-комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејства во повеќе кривично-правни предмети вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност, искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело злоупотреба на лични податоци.
Со оглед на тоа што сѐ уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи го предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот,
Со наредба обезбедена од надлежен суд беше извршен претрес во домот на обвинетиот бидејќи постоеше сомнение дека кај него може да бидат пронајдени докази и за други кривични дела. При претресот кај него беа откриени документација, електронски уреди и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела. За ова е оформен уште еден предмет во Основното јавно обвинителство Скопје по кој интензивно се постапува, а вештачењата на пронајдените предмети и документи се во тек. Во рамките на тој предмет се вршат проверки и по кривични пријави поднесени од други лица, кои во меѓувреме пријавуваат во Обвинителството дека биле жртви на истиот веб-портал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

