Македонија
(Видео) Кривични против 12 лица за убиството во тетовска Мала Речица
Тетовската полиција денеска преку соопштение објави дека го расчистила случајот со пукањето во тетовска Мала Речица во соработка со кумановската полиција и Одделот за криминалистичка полиција. Во вооружената престрелка животот го загуби кумановецот Наип Реџепи, а двајца беа повредени. Како што се наведува во извештајот, до надлежното Основно јавно обвинителство се поднесени кривични пријави против 12 лица.
Поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“ и соизвршителство, како и две кривични дела „убиство во обид“, поднесени се пријави против лицата: М.Н. (40), М.Х. (34), М.Ф. (23), М.Б. (21), М.И. (21), М.М. (24), Р.Д. (44) сите од село Черкези – кумановско, потоа Р.С. (42), К.Х. (42), Р.Б. (41) тројцата од Куманово, Љ.Б. (40) од Елбасан (Албанија) и Д.Ф. (22) од село Опае, липковско.
Десетмина од пријавените се предадени на Судија на претходна постапка којшто им одредил притвор во траење од по 30 дена. Покрај десетмината кои се веќе обезбедени, се трага по дваесет и двегодишниот Д.Ф. од Опае, додека М.Ф. поради здобиените телесни повреди во престрелката е задржан на болничко лекување. Истовремено, против лицата Р.Б. и Љ.Б. е поднесена и кривична пријава под сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување и држење на огнено оружје и распрскувачки материи“.
Во селото Мала Речица на петти месецов се случи престрелка помеѓу две групи на лица кои биле со неколку автомобили. Притоа, во престрелката беше убиен Наип Реџепи (47) од село Белановце, липковско, додека со тешки телесни повреди се здобил М.Ф, 23-годишник од кумановското село Черкези, кој поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во пукањето со телесни повреди се здобил и 42-годишниот кумановец Р.С.
Како што информираат од полицијата, на местото на настанот пронајдени биле осум испукани чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција и три зрна од куршуми, траги од крв и една безбол палка. Во рамки на полициската операција во едно од возилата, лоцирано непосредно по пукањето, кога и биле приведени двајца од 12 осомничени, пронајдени биле и два пиштоли марка „Валтер П99“ со калибар 9 милиметри, како и пиштол марка „Брауинг“ исто така калибар 9 милиметри, кои биле употребени во пресметката во Мала Речица. Во врска со овој случај, по наредба на јавен обвинител извршени биле претреси на 12 локации во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

