Македонија
Обвинителството и МВР ќе истражуваат – кој испраќа заканувачки пораки и слики на „Фејсбук“

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека било известено од страна на Министерството за внатрешни работи за заканувачки пораки и слики што преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица.
„Министерството за внатрешни работи доби задолжение да пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело загрозување на сигурноста од член 144, став 4 во врска со став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението на скопското Обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Maкедонската Влада во ОН беше усогласена со САД, Мицкоски ја унапреди соработката, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Христијан Мицкоски ја унапреди соработката на Македонија со САД, а СДСМ во очај и љубоморат на сопствената држава, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата гласаше целосно усогласено со САД. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на владата не е ништо друго, освен изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг. СДС лажно се претставуваше прозападна партија, а всушност е партија на комунисти. СДС лажно се претставуваше за пријател на САД, и го користеше прозападниот сентимент на народот, тоа сега го гледаат и граѓаните и нашите стратешки партнери. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена силно на зајакнување на трансатлантското партнерство му се допаѓа тоа на СДС или не, тоа ќе продолжи“, се вели во реакцијата.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто прес-конференцијата на Венко Филипче се најавува за утре, а не денес?
„Да не случајно е зафатен во Дубаи снимајќи го Заев како пее со Харис Џиновиќ?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ претходно оцени дека вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздражно“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“, велат од СДСМ.
Македонија
Потпишан протокол за побратимените градови помеѓу Битола и Бејликдузу

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација деновиве присуствуваат на протоколарна средба во турскиот град Бејликдузу во рамките на која беше потпишан протокол за побратимени градови помеѓу Битола и Бејликдузу.
Протоколот за збратимување го потпишаа градоначалниците на Битола и на Бејликдузу и Мехмет Мурат Чалик, а тој вклучува развивање соработка во социјалните, економските и во културните области.
Во своето обраќање градоначалникот Коњановски потсети на историската поврзаност помеѓу двете земји, како и големата соработка што континуирано се негува.
„Општина Битола веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји развиваат добри односи, а минатата година потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните Жабени и Тире, што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници.
Од неодамна ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно турската компанија за производство на лифтови ARLIFT, која заедно со бизнис-партнери од Битола одлучи да инвестира во индустриската зона Жабени во Битола.
Денес, почнуваме уште едно ново и важно поглавје како за соработката помеѓу двете земји така и за идните планови за двата града – Битола и Бејликдузу. Верувам дека, како што стои и во самиот протокол за побратимените градови, нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и во културните области“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Двете страни се согласија да развијат соработка: помеѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.
Соработката меѓу двете општини ќе ги вклучува следните активности: споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените и доколку е потребно, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.
Македонија
Муцунски со Филипиду и Памер: акцент на зголемувањето на инвестициите и продлабочување на деловната соработка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари одвоени средби со амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
На средбата со амбасадорката Филипиду беше потврден заедничкиот интерес за унапредување на добрососедските односи, со цел зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот преку неговото целосно интегрирање во Европската Унија. Во таа насока, беа реафирмирани заложбите за продлабочување на билатералната соработка, особено во областите на инфраструктурното поврзување, енергетиката, одбраната, културата и туризмот.
Во разговорот со амбасадорот Памер беше изразено заедничко задоволство од досегашната динамика во билатералните односи, како и од континуираниот политички дијалог меѓу двете земји.
Министерот Муцунски се заблагодари за досегашната австриска поддршка во процесот на исполнување на европските приоритети и македонските евроинтеграции. Фокусот на разговорите беша ставен и на економските и трговските односи, при што беше потенцирана потребата од нивно натамошно унапредување, со акцент на зголемување на инвестициите и продлабочување на деловната соработка меѓу бизнис-заедниците на двете земји.