Македонија
Обвинителството отвори предмет за палењето на бугарското знаме во Вевчани

Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по допрен глас во врска со написите во одредени медиуми дека за време на одржувањето на Вевчанскиот карневал било запалено знаме на Бугарија.
„Предметот е оформен со цел да се испита постоење на кривично дело повреда на угледот на странска држава од член 181 од Кривичниот законик“, соопшти обвинителството.
Јавен обвинител издал наредби до СВР Струга со цел утврдување на идентитетот на сторителот, како и идентификација на други присутни на настанот.
Во исто време, по наредба на јавен обвинител ќе бидат обезбедени евентуалните снимки од камери на кои е регистриран инцидентот, а ќе бидат преземени и други дејствија за расчистување на настанот.
(Фото: илустрација)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Во тек се обуки за наставниот кадар за развивање на вредносниот систем и моралните норми кај младите генерации

Од денеска, па сѐ до среда, во просториите на Младинскиот центар „Матично“ се одржува серија обуки на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека обуките се наменети за директорите на основните и средните училишта, еден стручен соработник од секое училиште, како и избрани наставници кои активно се вклучени во воспитно-образовниот процес.
„Предавачи на обуките се искусните професорки Татјана Стојаноска Иванова, Анета Бараковска, Калина Сотироска Иваноска и Софија Георгиева од Институтот „Европски соѕвездија“, кои ќе пренесат современи методологии и практики за развивање на вредносниот систем и моралните норми кај младите генерации. Како општина, редовно организираме вакви обуки со цел да обезбедиме континуирана поддршка на младите и да го унапредиме воспитно-образовниот процес. Инвестирањето во едукацијата на наставниците и стручните соработници е вложување во иднината на нашите деца. Со вакви активности градиме здрави генерации кои ги почитуваат вистинските вредности“, вели Герасимовски.
Македонија
Во Кичево, поставен првиот млекомат за свежо млеко во државата

Во центарот на Кичево денеска официјално беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија.
Жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.
Млекоматот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од МРФП – Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.
„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, рече Станоја Станојовски од Манастирот „Света Богородица Пречиста“, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.
„Млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од Европската Унија“, рече Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот АгроСмарт, финансиран од ЕУ.
На настанот присуствуваше и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој рече дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.
Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот „Света Богородица Пречиста“, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.
Македонија
„Мицкоски му дели задачи на Орце како што ѝ делеше и на Арсовска“, велат од СДСМ

„Христијан Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник и им дели задачи на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат на Орце Ѓорѓиевски, исто како што беше случајот со Данела Арсовска“, велат од СДСМ.
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски највуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство.
Но, се скраа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос.
Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи тоа, целосно игнорирање на интересите на граѓаните. Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните.
Денеска ја гледаме истата шема. Со Мицкоски и Ѓорѓиевски скопјани може да очекуваат нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните.
Скопје заслужува повеќе. Скопјани очекуваат решенија, искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град со градоначалник што ќе работи со визија и план, а не нова Арсовска по диктат на Мицкоски“, соопшти СДСМ.